од Снежана Стојчевска

Шеќерна приказна беше моето детство. 
Седната во првиот ред 
ги гледав сите изведби на претставата 
што ја знаев наизуст. 
 
Татко ми ја играше мечката,
која со волкот и лисицата 
го зароби славејот 
и во големата шума завладеа тага.
 
Но приказните секогаш имаат среќен крај 
и добрите животни го ослободуваат славејот, 
а негативците паѓаат во сопствената стапица. 
 
На крајот кога актерите се поклонуваа, 
сите деца викаа УРА за добрите
и УАА за лошите животни. 
 
Само јас, целата вознесена,
рипнував од столчето, 
плескав со малите рачиња 
и викав: БРАВО ТАТО!
 
И не можев да сфатам 
како некој може да вика УАА
кога тој е најпрекрасниот татко на свет. 

илустрација: Калин Маловски


Песната е објавена во книгата ,,Ќе се завијам во песни“, во издание на МИ-АН, 2019 година

Напишете коментар