од Владимир Лукаш

Една мала сонлива желка
се разбуди на висока елка.
Никој не знае како се качи
и сега, да се симне се мачи.
Чучулигите ѝ се смеат,
шеговни песни ѝ пеат
а таа, кутрата, солзи рони:
„Ех, да имав крилесто пони!“
- си помислува
и веднаш се премислува:
„Не, туку хеликоптер мал
создаден од кал!
Или, супермен-чивава
на облаци што јава...“
И додека размислува
и сенешто си замислува,
слушна тропнеж на врата, 
отвори и виде птици – цели јата
панди-бамбусојатки,
кифлички солени и слатки,
лижавчиња од марципан,
Венди и Петар Пан,
ребуси и равенки тешки,
ридови снежни и вулкани жешки
па дури и пингвини-акробати
од кои умот се мати.
Кога, одеднаш – телефон:
„Ало, овде соседот слон,
повторно зборуваш в сон.
Туку, ќе ти пречи ли ако посвирам
на мојот тромбон?“
Желката, сонлива сета,
сети како сонот ѝ летна.
„Кутрата јас“ 
- се насмеа наглас,
крена ролетни 
и се расони за час.

Трудови на децата-учесници на Креативниот предизвик #1, организиран од авторот Владимир Лукаш, Чудна шума и Детскиот креативен центар во МКЦ (предавачи: Доротеј Нешовски и Билјана Црвенковска)

Јана Танчевска, 10 години

Напишете коментар