(од „Приказни од Sунливото море“)
од Билјана С. Црвенковска
Кога првпат ги посети бреговите на Ѕунливото море, Ален воопшто не го планираше тоа патување. Не само што не планираше, туку не ни знаеше каде стигнал. А откако стигна, тој беше толку изненаден, исто како што би биле и вие кога би се нашле таму.
Ноќта беше тивка. Се слушаше само дишењето на Ирма во креветот под него. Таа мирно спиеше, но Ален… Ален не можеше да заспие со часови… и часови… и часови.
Или барем така му се чинеше.
Размислуваше за она што се случи дента на училиште.
Односно, се трудеше од сѐ срце да не мисли на тоа што се случи, оти штом ќе помислеше – грлото му го стегаше некоја невидлива рака, како сенка се обвиваше околу неговиот врат и не го пушташе. Се трудеше да не мисли, но не можеше да ги запре мислите да бегаат назад кон оној ужасен, срамен момент.
Зошто не направи ништо? Зошто не кажа ништо? Зошто не успеа да се снајде? Зошто не му врати на Давид? Да беше некој друг на негово место ќе кажеше збор, ќе објаснеше, или ќе свртеше на шега, или ќе вратеше, можеби дури и ќе се заканеше… Но, не и Ален. Тој не умееше да ги прави тие храбри работи. Умееше само да молчи. Затоа сега сите го викаа така. Мочко. Колку ужасно. А не беше. не беше мочко. Беше само малку несмасен и водата се истури врз панталоните и…
Но сега… што ќе прави сега? Можеби е најдобро неколку дена да биде болен. Па ќе дојде сабота, па недела, па до понеделник можеби ќе заборават на него.
Можеби.
Веројатно нема.
Сигурно нема.
Ќе му се смеат и ќе измислат некое ново име. А уште пострашно е што во понеделник и Наталија ќе се врати на училиште. И ќе разбере сѐ. Каков страшен срам.
Ете, тоа го измачуваше Ален. Затоа не можеше да заспие. И во целата агонија, во еден миг погледна низ прозорецот и забележа дека небото веќе не е црно. Полека почнуваше да сивее. Што значи дека утрото набргу ќе дојде. А тој – тој не склопи око.
Реши да заспие веднаш. Цврсто ги затвори очите, дури и инаетливо, настојувајќи да потоне во сон. Дури, во себе си кажа и една мала магија – така ги викаше тој неговите лични молитви.
Румбрата-тата-туф, моруна и џамагуф, трасол-тисол-салацек, соносек, заралек.
Додека така си шепотеше со цврсто затворени очи, Ален одеднаш почувствува како креветот благо се заниша. Многу чудно. Потоа пак, посилно.
Како да беше кревет во некоја бродска кабина. А Ален – Ален многу сакаше бродови!
Сега креветот веќе се нишаше постојано, но Ален беше решен дека нема да ги отвори очите. Можеби ова беше дел од заспивањето? Можеби сонот конечно доаѓаше и нежно го нишкаше држејќи го в прегратка?
А тогаш… тогаш покрај нишањето слушна и еден дотогаш нечуен звук. Тоа беше звук на морски бранови – но не само тоа. Замислете кога морските бранови би биле направени од илјадници минијатурни ѕвончиња. Тие истовремено би шумеле и би ѕунеле, како илјадници морски нимфи да пеат меѓу брановите. Е тоа беше тој чудесен звук.
И, Ален не издржа и ги отвори очите…
Околу него имаше само бранови – огромна морска шир. Морето се брануваше во сите нијанси на сина и виолетова боја – да, виолетова! Никогаш не видел такво море!
А брановите ѕунеа и шумеа и ветрот кој ги галеше правеше дури нивното ѕунење да се претвора во вонземска мелодија. Ален со ширум отворени очи се вртеше наоколу и гледаше во чудо. Колку неверојатно!
Како ли се нашол креветот во море? – се прашуваше Ален. Сигурно сонувам – помисли веднаш потоа.
Но, некако знаеше дека – доколку ова е сон – дека не е обичен сон.
Креветот не беше веќе ни кревет. Беше – што беше? Нешто помеѓу сплав и чамец? Сплав и бротче? Хмм, сплав со кабина? Што и да беше – беше прекрасно!
Неговиот најголем сон – да стане морепловец – стануваше стварност!
Ја стави раката над очите, како некој опитен морепловец-скаут, разгледа внимателно наоколу, па рече:
– Хммм, добро. Тоа е што е, копно нема на повидок. Но, секако ќе треба да се упатам некаде. Компас по сѐ изгледа – немам. Но, мислам дека знам да управувам со сплавот. Кормило, јарбол, едро… лесно, нели? Само уште да одлучам каде да тргнам. Хммм. А како да го знам тоа? Па јас не знам ни кое е ова море, а камо ли нешто повеќе…
– Ова е Ѕунливото море – се слушна глас некаде над него. – Најчудесното и најдалечното од сите мориња.
Ален вчудовидено ја крена главата и на јарболот здогледа – галеб.
– Ти… зборуваш? – праша зачудено Ален, а во себе помисли – Нормално, ова е сон, зошто па и да не зборува.
А галебот кимна со главата, мавна со крилјата и гракна: – Зборувам течно 777.778 јазици.
– 777.778 јазици – беше вџашен Ален. – Не ни знаев дека постојат толку јазици!
– Затоа што ти ги сметаш само човечките јазици – гракна потсмешливо галебот – типично за едно човечко дете. Дали знаеш дека секое живо суштество на оваа планета зборува со свој јазик?
– Уау! Секое живо суштество? Мислиш, и растенијата?
– Секако, и растенијата, и птиците, и рибите, и животните и инсектите и членконогите и… ехее, сите – рече мудро галебот. – Инаку, моето име е Герман. А твоето?
– Ален – рече срамежливо Ален, а потоа похрабро додаде: – Ален морепловецот!
– Е па, морепловецу Ален, мило ми е што се запознавме. А сега, јас ќе си продолжам по патот…
– Еј, чекај – рече исплашено Ален. Навистина не сакаше да остане сам. Му беше мило што има некој со којшто може да си прикажува. Не зборувал олку… па, не помни откога. – Дали би сакал, можеби, да ми правиш малку друштво на моето патување? Ти сигурно ги знаеш овие краишта?
– Па, морам да речам дека патот ретко ме води во Sунливото море… знаеш, тука не можеш планирано да дојдеш. Туку, само ако таа ти дозволи да дојдеш… и тогаш, ти си најсреќниот галеб на светот! Или, најсреќниот морепловец.
– Таа? Која таа? – ништо не разбираше Ален. А галебот Герман го отвори клунот за да го гракне својот одговор и…
Одеднаш Ален ги отвори очите. На негово огромно разочарување, повторно се најде во својот кревет.
Тоа беше првиот пат кога отпатува кон Ѕунливото море.
Илустрација: Freepik





Напишете коментар