од Владимир Лукаш

Седнал слонот да напише ода
– оти, нели, одите се в мода,
и така си седел и си чекал,
по инспирација си пекал,
со сурлата си трубел тивко,
муви си бркал со опавче сивко,
размислувал за магарешки уши,
јадел дајкони, рибизли и круши
и си рекол: „Ц, ц, ц… имам ум ко амеба…
гускино перо е тоа што ми треба!“
И излегол надвор гуска да најде
дур сонцето в шума не зајде,
да ѝ побара на заем пердувче бело,
да напише нов Хамлет ил Отело…
„Гускооо, гувчеее“, вревел тој слон,
оти ќе му киднел поетскиот сон,
но гуските веќе биле на полпат кон југ
и слоновскиот мозок рекол: „Чук-чук“.
„Кој е?“, прашал тој со збунет глас,
„Како кој е, па тоа си ти – Јас!“
„Јас?“ се зачудил и полетал кон Венера,
да напише стихови за новата ера.


Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.


Напишете коментар