од Владимир Лукаш
Белиот зајко в поле си стои
и зрели морковчиња си брои.
Сите ќе ги јаде – така реши,
кога почнаа да врнат цреши.
„Кај баш денес цреши врнат,
уште да почнат вишни да грмат!
Ќе ми го дамкосаат опавчето бело,
ушите, шепите и целото тело!
Зошто морковот нема чадорска форма,
да си ја заштитам белава униформа?
Ваков дамкосан нема да ме љуби
мојата најмила зајачка Буби…
Ех, бар морковчиња си имам,
од јадење има да се шинам!“
– си рече зајкото бел
и голтна морков цел.
„Зајко, насекаде те барам!
Туку, зошто си сиот шарен?
Ако, те сакам и в боја на рубин!“
– му рече милата зајачка Буби.
Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.





Напишете коментар