од Владимир Лукаш
Патки ме луди бркаат
од Галичник до Река.
Ме бркаат и чорба сркаат,
дур жабецот крека ли крека.
Бегам ко мариниран зајак
од тава со кромид и грашок,
дур бегам ме каса пајак
и се запенувам ко прашок.
Боже, колку се брзи!
Ќе ме фатат кај и да е…
Зошто ли толку ме мрзат,
до кога ли бркотов ќе трае?
Едната се откажа,
измори луди пераи.
Другата се докажа:
ме бркаше до Хаваи!
„Како се викаш?“, прашав.
„Ница“, ми одговори луто;
„Среќа имаш што немам маша,
оти ќе те натепав и нето и бруто“,
рече Ница, силно ме гризна,
аперкат и кроше ми тресна,
в миг ама баш сè ѝ признав
и на испраќање ластик ми плесна.
Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.





Напишете коментар