од Ања Штефан

(од книгата „Лулашка за сите“)

– Ту-ту-ру-ту-туууу! – запеа трубата и, еве, гранчињата пукаат, пиленцата бегаат, а зајаците се затскриваат од патот на мечоците. Седум мечоци, седум соседи одат в планина.

– Зошто?

– За да видат што има зад планината.

Патот врви крај голосек со јагоди и врби. Првиот мечок тргна по плодови зрели, другите го викаат, а тој вака им вели:

– Останувам овде! Стој!

– Добро – вратија тие.

И патот го продолжија шестмина на број.

Во брегот открија убава јама. На еден од нив му се допадна внатре и рече:

– Како по мерка. Продолжете вие! Ова е мојот свет!

– Добро, имај убав ден – вратија тие.

И патот го продолжија пет.

Онде зад грмушката нешто шуми: една млада мечка зад гранките се крие. На еден од нив му затрепери срце, па срамежливо рече:

– Овде ќе ми биде подобро! Продолжете вие!

– Добро, имај убав ден – вратија тие.

Останаа значи сал четири мечоци орни.

Ожеднија сите, мевот им се наду, и в ѓолче ги натопија јазиците суви. И еден од нив рече в гнев:

– Доволно беше! Продолжете вие!

– Добро, имај убав ден – вратија тие.

Останаа уште тројца јунаци.

Одат така, врват, а патот ги води над карпи бели. Еден се влечка и безволно вели:

– Не ми се допаѓа ова! Продолжете вие!

– Добро, имај убав ден – вратија тие.

И до врвот се качија сал два.

Се прегрнаа тие и погледнаа кон ширта. Каква убавина! Какви долини! Какви ли врвови наоколу има! Овде би останале вечно. Но првиот се сепна:

– Ајде – вели – да се вратиме.

Вториот веднаш врати: „Е како се сети на тоа?!“

– Добро, те разбирам – кимна со главата. Таму е нашиот дом, но в глава ми остана ѕвон: што ли таму има, отаде тие гори… Овде се отвори глед! Не се враќам ќе одам в свет.

Станаа, се потапкаа по рамо и тргнаа, секој на своја страна. Сега секој си врви по својот пат, но бездруго, бездруго набргу ќе се сретнат пак.


Превод од словенечки јазик: Дарко Спасов

Илустрација: Freepik


© Ања Штефан. © Чудна шума, за оваа објава. Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на овој текст во целост ниту во делови.

Напишете коментар