(од „Приказни од Sунливото море“)
од Билјана С. Црвенковска
– О, не! – закрешти Герман, застанат на врвот на бродскиот јарбол.
Нешто навистина не е во ред, си помисли Ален, кој тукушто беше решил малку да се опушти ловејќи шарени рипчиња и пуштајќи ги назад во водата. Тоа беше супер забава кога немаше некоја посериозна авантура на повидок. Но, сега… сега нешто се случуваше.
– Оф, леле, тешко нас! – пак закрешти Герман и вознемирено замавта со крилјата.
– Што се случува? – праша Ален, сега веќе и тој вознемирен. – Пак некоја бура?
– Ама каква бура, сто пати полошо! Накај нас ита црниот галеб.
– Црниот галеб? Што е тоа, некој лош галеб што те тепа и те малтретира? – праша Ален и малку се стресе, затоа што тоа го потсети на некои непријатни ликови на училиште.
– „Црниот галеб“ е бродот на најозлогласениот пират во Ветровитиот Океан – пиратот Корк. Ене го, го гледам како ита накај нас! Готови сме!
Ален го зграпчи дурбинот што му го подари стариот капетан Енко од Заливот на црвените корали. Sирна низ него и – да – несомнено Герман имаше право. Накај нив иташе едно бродиште со црни едра и пиратско знаме.
***
– Морепловец, велиш? – потсмешливо го гледаше пиратот Корк подоцна, кога Ален и Герман беа присилно донесени на палубата на „Црниот галеб“.
– Мхм, да, Морепловецот Ален – храбро рече Ален.
– Необично си храбар за некој толку млад морепловец – малку зачудено заклучи Корк. – Изгледа си ја нашол храброста во Sунливото море, м?
– Не разбирам… – се збуни Ален.
– Си бил ли во Sунливото море? – го праша подозриво Корк.
– Само еднаш, кратко, на почетокот… – мрмореше збунето Ален, сеќавајќи се на виолетовото море чии бранови толку прекрасно ѕунеа.
– Значи добро погодив – продолжи да зборува Корк. – Ја најде карпата, значи?
– Карпата? – уште повеќе се збуни Ален.
– Карпата што тропоти. Не ја најде?
Ален само одмавна со главата. А Корк се замисли.
– Sунливото море крие многу тајни, Морепловецу Ален… – загадочно му рече Корк и потона во мислите.
А Ален и Герман се прашуваа што е следно…
Илустрација: Freepik





Напишете коментар