од Андреј Розман Роза
По пат песот стопанот си го води,
напнува јаже, ’ржи,
стопанот едвај оди и се држи,
а нему му се брза и треба да оди.
Бесен во себе самиот си мисли:
„Песја мака, живот – трошка,
како ли од сите човечки раси
мене ми се падна оваа мрзлива вошка!
Морам да ги видам пријателите мои,
да видам што зад стоте агли се крие,
и да протерам сè што е гулаб и мачка –
а тој, си врви небаре спие!“
Одејќи така стигнаа до анот
– таму стопанот заседна без збор.
На песот му дојде преку глава!
Го скина поводникот и промени двор.
До пладне го истражи градот,
попладне отиде в шума, на лов,
дури кога сонцето зајде,
дома го врати верниот зов.
А таму – пред куќата стопанот го чека.
Седи на прагот и силно се кае,
чека да го пуштат внатре
за да види вечерата кај е.
Препев од словенечки: Дарко Спасов
Илустрација: Freepik
© Андреј Розман Роза. © Чудна шума, за оваа објава. Сите права се задржани. Не е дозволено преземање на овој текст во целост ниту во делови.





Напишете коментар