од Билјана С. Црвенковска


Приказнава што ќе ви ја раскажам денеска не се случува некогаш одамна, туку – неодамна. А сѐ почна кога Илина, Мартина и Мирон – дојдоа да поминат дел од летниот распуст кај баба Јагода… Во најубавото село на светот – Бабино.

Куќата на баба Јагода беше малечка но мошне убава, со бели ѕидови, зелен покрив и дрвена врата и прозорци. Внатре имаше само три соби – голема дневна соба со кујна, со голем старински кауч, со стол за нишање, табуретки за седење, дрвена маса и столчиња и убаво уредена кујничка. Во кујната имаше шпорет на дрва и голем прозорец со поглед кон градината. Во едната соба се наоѓаше голем кревет – доволен дури тројца да спијат на него – и голем, старински орман. Низ прозорецот од оваа соба се наѕираше шумата – зелена, тивка, таинствена и длабока. Во втората соба имаше помал кревет, плакар, мала масичка со вазна во која секогаш стоеше свежо цвеќе и стара машина за шиење. Тоа беше собата на баба Јагода.
Баба Јагода беше нестрплива. Подработуваше низ кујната, подготвувајќи нешто за јадење и одвреме-навреме загрижено погледнуваше низ прозорецот. Мачката Бела, пак, ја следеше в чекор. Ѝ се меткаше низ нозе, се качуваше на рамот од прозорецот и тивко предеше.

БАБА ЈАГОДА : Што се сторија досега? Рекоа рано ќе тргнат.

Баба Јагода ја подотвори вратата и ѕирна надвор. Свеж утрински ветрец се пикна во куќата и донесе мирис на шумски јаготки и мајчина душичка. Баба Јагода постоја малку на прагот, па ја затвори вратата. Во истиот миг однадвор се слушна сирена на автомобил.

Баба Јагода се насмевна со олеснување и брзо ја отвори вратата.

Како фурија, одеднаш во куќата се втурна ситно, полничко момче со зацрвенето, испотено лице. Тоа беше Мирон. Тој криеше нешто во рацете и бегаше како да го гонат стотици лути оси. Баба Јагода вчудовидено гледаше во внучето што бегаше – за веднаш по него во куќата да втрчаат Илина и Мартина, неговите сестри близначки.

Баба Јагода зачудено ја гледаше оваа мешаница. Додека вртеа кругови низ куќата, девојчињата пискаа и се обидуваа да го фатат помалото братче. Набргу низ вратата влезе татко им, Томче, кој носеше две големи патни торби.

ТОМЧЕ: Полека, полека… што се договоривме пред да тргнеме?

ИЛИНА И МАРТИНА (во ист глас): Ама Мирон…

МИРОН: Ништо не направив!

Илина и Мартина ја прегрнаа баба им, гледајќи во Мирон. Мирон гледаше во дрвениот под и криеше нешто зад грбот.


Од книгата „Земјата на заборавените сказни“.

Илустрација: Оливер Коларевски

Напишете коментар