од Екатерина Ширгоска Лена


Дождот ги спои небото и земјата. Почна уште рано утрината и не престана во текот на целиот ден. Во сивите денови како денешниот Софија знаеше да мечтае за сонце и топлина, па така вечерта му предложи на тато да читаат приказни за летни авантури. Внимателно одбра една голема сликовница, удобно се смести во меката постела заедно со тато, ја отворија книгата и магијата беше тука.

Откако тато заврши со читање, ја бакна својата ќерка, ја изгаси светилката и излезе од собата, па чудесните патувања на нашата пријателка можеа да започнат. Софи е повторно спремна за нова авантура на некое волшебно место.

Седна во пилотската кабина на својот мал бел авион, кој вешто го крие од светот паркиран во плакарот. Го притисна розовото копче и 1, 2, 3 со брзина на светлината пристигна на еден мал карипски остров.

Карибите се архипелаг од неколку стотици островчиња прегрнати од двата американски континента. Нивното море е најсоленото на светот и ја има најпрекрасната тиркизна боја.

Софија слета на една тесна дива плажа, обрабена со крошни на високи палмини дрвја. Од далечината се слушаше реге-музика која ѝ создаде впечаток дека локалното население мора да има весела природа. Се загледа во контрастот од нејзините бели стапала и темниот песок. Никогаш порано немаше посетено вулканска плажа со црн песок. Колку прекрасно е чувството кога зрнцата ситен песок се лизгаат и се провлекуваат низ прстите пред ветрот да ги однесе на своите крилја кон бесконечноста. Убавината на животот е да се пронајде среќа во малите нешта и со нив да се обојат сегашноста и иднината. Овие моменти на среќа и слобода се чуваат длабоко во душата за да нѐ греат и да нѐ прегрнат кога ќе ни бидат потребни и кога ни треба утеха.

Софи се загледа во морската широчина надевајќи се дека ќе види сирена. Сирените ѝ беа омилени морски суштества иако знаеше дека постојат само во бајките и во рибарските легенди. Сепак, никогаш не ја напушти надежта дека еден ден сепак ќе ги види.

Топлото сонце блескаше и ја намами нашата пријателка да влезе во водата. Како повеќето деца, и Софија го сакаше чувството на слобода што го даваше пливањето. Накратко застана, за миг излезе од морето и поита до својот ранец да си ги земе очилата за нуркање. Со нив можеше да истражува под површината на водата и да му даде нова димензија на ова возбудливо искуство.

Ја отвори устата и вдиша длабоко за да земе што повеќе воздух, се нурна и се впушти во авантура.

Во истиот миг штом го искуси подводниот свет, посака никогаш да не го напушти тоа авангардно царство на бои. Можеше да распознае само мал број од егзотичните риби кои ги забележа и сфати дека мора да се потруди да научи повеќе за нив. Најпрво виде неколку риби кловн. Ги препозна по нивната црвено-бела боја. Се упати кон нив кога ненадејно патот ѝ го пресече фамилија морски коњчиња. Таткото, мајката и нивното малечко пливаа спокојно мрдајќи со опавчињата и измамија насмевка на лицето на Софија. Тогаш се сети на необичната природа на морските коњчиња, односно дека мажјаците се оние што се бремени и го носат потомството на свет. Колку необични суштества – си рече.

Почна да ги набљудува и да плива по нив сѐ додека не се појави една морска желка. Изгледаше како целосно да ужива во бавното и релаксирано пливање под својот оклоп. Пливаше полека со помош на издолжените екстремитети кои беа подолги од оние на копнената желка. Имаше сосем спокоен израз на лицето. Софија посака да ѝ се придружи и почна да ги имитира нејзините движења. Ја следеше низ длабоките води, а пред неа се откриваше волшепство од корални гребени накитени со морски ѕвезди и октоподи кои се движеа во близина на карпите. Не се осмелуваше да трепне од страв да не пропушти дел од подводната магија.

Пливањето ја умори, па исплива на површината за да земе здив и да се ориентира во просторот бидејќи беше лесно да се изгуби во бескрајното морско царство. Ги здогледа копното и црната вулканска плажа на чиј песок се наоѓаше нејзиниот авион. Беше решена да се упати натаму кога вниманието ѝ одлета на другата страна здогледувајќи перка која личеше како да припаѓа на делфин. Знаеше дека освен што се прекрасни, делфините се едни од најинтелигентните суштества. Еднаш се живее, си помисли нашата љубопитна пријателка, па повторно се нурна, овој пат во правец кон перката.

Ја следеше сѐ до една карпа на средината на морето, а миг подоцна ја виде како излегува од водата и се извива на карпата. Не можеше да им поверува на своите очи кога виде дека суштеството чија перка ја следеше не е делфин, туку прекрасна сирена. Грациозната девојка имаше долга златна коса накитена со бисери. Нејзините усни и образи беа румени, а очите длабоки како океан.

Софија ја набљудуваше занемена од нејзината убавина, но сирената ја здогледа и стана свесна дека не е сама. Пред да има шанса да побегне, Софија реши да ја увери дека таа не ѝ претставува опасност.

– Прекрасна сирено, дозволи ми да ти се претставам – почна таа, па ѝ раскажа од каде доаѓа и колку ужива во приказните за сирени кои редовно ѝ ги раскажува нејзината мајка.

Искреноста и продорниот поглед на Софија ја разоружаа сирената, која со насмевка реши да остане и подобро да ја запознае.

Сирената се викаше Леа и не говореше со зборови, туку со песна. Имаше длабоки очи кои се прелеваа во боите на виножитото, а нејзиното присуство беше вистинско исполнување на најголемиот сон на Софија. Таа со длабоко внимание ја ислуша приказната на сирената за нејзиното подводно кралство, пријателството со сите морски животни и танцувањето во разбрануваното море. Потоа сирената раскажа дека поради една дамнешна нетрпеливост меѓу луѓето и сирените, тие решиле да живеат таинствено и спокојно во водните длабочини оставајќи го своето постоење на маргините на фантазијата на луѓето. Софија ѝ вети дека нејзиното постоење ќе остане нејзина слатка тајна која љубоморно ќе ја крие од светот.

Откако си поприкажаа, сирената го повика својот пријател делфин да ѝ помогне на Софија побргу да стигне до брегот. Уживаше во своите водни авантури и заборави дека наскоро родителите ќе ја чекаат на појадок. Се поздрави со сирената и поита кон песочниот брег качена на грбот на делфинот.

Влезе во пилотската кабина, го притисна розовото копче и веднаш се најде во својот топол кревет. Ја прегрна меката перница и потона во длабок сон.

Утредента се разбуди среќна и полна со елан. Се протегна во креветот и носталгично помисли колку би било убаво сето ова да не беше само сон. А потоа до својата перница здогледа еден сјаен бисер, токму како оние во косата на сирената. Воскликна од радост и заклучи дека секогаш и без разлика на сѐ, мора да веруваме во своите соништа бидејќи без нив животот би бил празен.


Од книгата „Приказни за мали авантуристи: Волшебните патувања на Софија“

Илустрација: Алексеј Костовски

Напишете коментар