прераскажал: Ванчо Полазаревски


Многу одамна, во древни времиња, живееше Сизиф, син на богот на ветровите Еол. За него се сметаше дека е најитар од сите луѓе во светот.

Благодарение на своите итроштини, Сизиф натрупа големо богатство и многу се гордееше со него. Еднаш, со една од неговите сплетки го навреди врховниот бог Зевс и овој реши да му се одмазди. Му го прати богот на смртта Танатос, со други зборови, реши да го пресели Сизиф на оној свет, во Адот. Но, Сизиф успеа да го надитри Танатос. Го закова со клинци за една карпа  и од тој ден луѓето не умираа, бидејќи Танатос не можеше да си ја врши својата должност.

Но, кога се појави богот на војната Арес, Танатос мораше да биде ослободен, а Сизиф да оди под земјата, во царството на умрените. Таму го пречека богот на подземниот свет, страшниот и моќен Ад. Но, Сизиф пак успеа со своите итроштини, да се спаси. Доби дозвола од Ад да се врати на горниот свет за, божем, да заврши некои итни работи. Тој вети дека веднаш потоа ќе се врати назад. Ама штом го огреа сонце и пак се најде во својот убав дом, Сизиф заборави на ветувањето. Но богот Ад не заборави. Му го прати по вторпат богот на смртта Танатос. Овој пат на Сизиф не му помогна ниту една негова измислица. Се најде во темното царство на мртвите. А за тоа што се обидуваше да биде поитар и од боговите, тие го казнија со посебна казна, смислена специјално за него. Имено, Сизиф мораше од една рамнина да турка голем камен кон врвот на ридот. Штом ќе го дотуркаше каменот до врвот и ќе помислеше дека ја завршил работата, каменот ќе се стркалаше удолу и Сизиф одново ќе мораше да почне да го турка каменот пругоре, кон врвот.
Затоа и ден-денес, за некоја залудна работа, или работа што никако не може да се заврши, се вели: „Сизифов камен“ или „Сизифов труд“.


Од книгата „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“.

Илустрација: Наташа Костовска

Напишете коментар