од Ванчо Полазаревски

Сто колачиња по патишта разни итаат,
брзаат, не е да речеш, скитаат.
Сто колачиња од највкусно тесто
треба итно да стигнат на едно место.
Сто колачиња мазни, шарени, полнети и празни.
Со ванила од Манила, со чоколадо, авокадо,
цимет, кајсија, мак, ф ‘стак зелен, орев мелен...
Сто колачиња со вкусови двесте,
од уживанција да ти се замати свеста.
Патем стоте колачиња сретнаа сто пајачиња.
И пајачињата, мораа да признат,
сакаа да ги гризнат,
стоте колачиња
тоа сакаа тие пајачиња.
– Не сега, брзаме. – рекоа стоте колачиња.
И заминаа цели, негризнати, негибнати.
Потоа стоте колачиња сретнаа сто мачиња.
– Ах, сто колачиња, тамам за нас,
за сто мачиња! – мјаукнаа стоте мачиња.
– Не, простете многу ни е жал. Не сме за вас,
пак ќе сретнеме, та светот е мал.
Пак брзаа, итаа, стоте колачиња,
не да речеш шетаа....
И, оп! На сто зајачиња налетаа.
– Сто вие, сто ние. – рекоа зајачињата
и ги покажаа запчињата.
– Стоп! – рекоа колачињата,
– Не се плашиме од запчињата.
Зарем ќе повторуваме пак и пак!
– рече колаче едно од мак.
– Брзаме на едно место,
не ни се случува тоа често.
И пак и тие со мак и другите сто,
брзаа, брзаа тие колачиња
и кога... пред нив – сто мравчиња.
– Дојдете ќе ве носиме дома,
во зима дружба со вас ќе има.
– рекоа стоте мравчиња.
– Не, одговорија стоте колачиња,
– Најдете си друга дружба,
некоја крофна или тиганица.
Ние сега, знаете, сме во страшна брзаница.
– Да, еве почнаа да се топат нашите рачиња!
– исплашено свикаа неколку чоколадни колачиња.
И најпосле спасени од мравчиња, зајачиња...
стигнаа стоте колачиња.
Каде ?
Кај стоте гладни дечиња.
– Дали сте со мак, ванила, цимет,
авокадо или чокаладо? – извикаа дечињата.
– Дааа, весело мрмореа колачињата.
Гозба е тоа што се памети и трае,
нека повели секој,
само ако знае кај е.
Илустрација: Freepik





Напишете коментар