од Владимир Лукаш


Кучето со рунтави уши,

изеде цела кофа круши

и со меше полно семки,

потона в девет дремки.

Во првата дремка песот

нуркаше в базен со песок,

ручкаше песочни рипки

што висеа на шарени штипки.

Во втората беше бизон,

скаран со еден муфлон

и со своите силни рогови

удираше бакарни гонгови.

Во третата беше светулка

вљубена в црвена булка,

но булката го сакаше црвот

што везден спие на дрво.

Во четвртата беше зелка,

иглеста како лута елка,

со зајчиња се расправаше

и в страшило се преправаше.

Во петтата беше Здравка

– една стара госпоѓа мравка,

со розова фризура кадрава,

која по ручек јаваше крава.

Во шестата беше човек

со мускул толку мек,

што да го дувнеш ќе летне

без ниту со прст да претне.

Во седмата беше мачор

испентарен на висок бор,

кој не знаеше да скока

и сакаше да биде фока.

Во осмата беше капучин

– мајмун навистина фин, 

кој можеше да испие река

сосе принцот-жабец крекав.

Во деветтата беше болва

ко птица силно што колва

едно куче со рунтави уши

што изело цела кофа круши.


Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.


Напишете коментар