кон „Мојата бабичка не знае која сум“ од Ива Безиновиќ – Хејдон и илустрации на Хана Тинтор, во превод на Калиопа Петрушевска

Пишува: Ана Голејшка Џикова


Уште пред да почнам да ја читам книгава, веќе бев замислена како да ја протолкувам, како да ја пренесам. Ќе ви кажам и зошто. Затоа што ова не е книга за радоста, напротив. Ова е книга за исчезнувањето, но и истовремено за сеќавањето. Имено, книгата  „Мојата бабичка не знае која сум“ ми се има случено лично. И се изнаплакав. Сосе сите прашања што никогаш не добиле одговор – зошто нашите баби и дедовци стареат, се разболуваат и ги снемува?

Авторката Ива Безиновиќ – Хејдон и илустраторката Хана Тинтор создале книга во тон на „блузот“. На децата им се приближува темата за смртта, и воопшто разделувањето со нашите блиски, но и љубовта која останува.

Баба Зринка е семоќна, семоќна бабичка. Ема е нејзината внука која со восхит ја ужива радоста да се биде со својата баба. Неопислива врска, која само бабите и внуките ја имаат и заедно го откриваат светот низ игра и динамика. Сѐ додека еден ден, драматично книгата и визуелно губи од бојата – страниците се стемнуваат, како и умот на бабата.

Баба Зринка одеднаш почнува да заборава, прво малечки, а потоа и големи нешта. Ема е тажна што баба ѝ ја заборава, но е истовремено среќна што таа самата, нема никогаш да ја заборави. Што ќе се сеќава на баба си во најубава светлина.

Мојата баба, Љуба боледуваше од Алцхајмер. Лупеше јаболко со тапо ноже. Не знаеше која сум јас, не го препознаваше татко ми. Забораваше каде е, а добро се сеќаваше на селските полиња и утринските средби со друшките од детството. Таа беше таму, ние бевме тука. Исто и во оваа книга. Баба ми можеби не знаеше која сум, но јас добро знам која беше Љуба. Книга за плачење. Најсериозно, за длабинска нега на срцето. Како добар блуз.


Илустрации: Хана Тинтор


Напишете коментар