од Владимир Лукаш
Што ли знаеме за китон
што спие мирно ко питон?
Појадува меки бонбони
од медузи, алги и планктони
пие мориња и океани,
долг е од утре до лани,
тежок е колку 10 автобуси,
нозе има ко на змија куси
и во очите може да смести
јато риби што се мрестат.
А дали китот видел чивава
како јава врз глава на крава?
Видел тој и почудни нешта:
ништа маскирани во сешта
што жонглираат со фоки вешто,
слон со сурла толку малечка
на која се смее дури и Палечка,
дожд што се плаши од вода,
риба и жирафа што пеат ода
и болва што го чека Годо.
Не буди го китов заспан
– саска ко питон кога е ненаспан.
Не нуди го со манго ил банани
– ќе те збрка на сите страни.
Остави го да спие и да сонува
во оазата на пустината сува,
дур ветре свежо нежно му дува.
Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.





Напишете коментар