од Ванчо Полазаревски


Еден трол како трол,
сакал-нејќел, бил зол.
Пеел: „До-ре-ми-фа-сол…
сакам да нанесам бол.“
И смислил,  измислил – мол.
Шарено купувалиште
ко фудбалско игралиште.
Тука, си помислил штосно
ќе се купува безмилосно,
од игла до мебел… златна клешта,
сѐ, најчесто безвезни нешта.
И луѓето ќе купуваат, купуваат,
пари ќе зајмуваат, зајмуваат…
И неизбежно ќе дојдат моменти
ќе сфатат дека  се само консументи.
Но, се излажа тролот наш,
немаше жена, ниту маж,
што не удри уживанција
во таа купуванција.
Со тешко срце реши
да признае дека згреши,
но му текна во ист час:
„А зошто пак да не
купувам и јас!“
Да осетам сладост,
купувачка радост?
И си купи:
ремен од Јемен,
чадор од Салвадор,
блуза од Сиракуза,
палта од Малта,
машна фина од Кина,
стакленца од Фиренца,
пиле од Чиле,
санта мраз од Ла Паз…
Безброј нешта
ко за на фешта…
И баш вчера налетав
на податок фрапантен,
тролот лош, тролот трапав,
го ословувале господин Елегантен.


Илустрација: Наташа Костовска

Напишете коментар