од Александра Симова Клинчарова

Ајде, доста јадеш, веќе е време
Ѝ рече мечокот на девојката мечка
Да си одиме во нашата дупка
Да си легнеме покрај старата печка.
Ќе се покриеме со јорганот стар
Ќе гледаме филмови црно-бели
Надвор нека врне снег до утре
Цела зима ќе си бидеме дебели.
Ааа, не, да ми извиниш! – извика таа,
Јас немам намера цела зима да спијам!
Зар со тебе да гледам стари филмови
Кога можам коктели во шума да пијам!
Сакам да се дружам со други животни
Да слушам приказни и шеги празни
Имам толку бунди, чизми и шалови
Ќе одам дотерана на балови разни!
А ти, ако толку сакаш да спиеш
Оди и легни си, ќе ти купам и нови пижами
Но подобро би било да останеш буден
И да ме дружиш со вечерни програми!
Се замисли мечокот
Одлуката не беше лесна
Па некој ќе ми ја грабне
Ако не пеам нејзина песна!
Го фрли јорганот дебел
Се облече по најнова мода
Ѝ рече, ајде вечер во театар
А после може и на кисела вода!
Излегоа заедно дотерани
Целата шума ги виде
Каков пар, каков стил!
Модерна зима ова ќе биде!
Илустрација: Vecteezy





Напишете коментар