од Ванчо Полазаревски
Гусар не е гусар, ако нема бар:
фаца лута, ко лута пиперка,
да уплаши и троглава ѕверка.
Преку едно око превез,
познат гусарски манир,
ко и секој морски витез
од битка страшна, сувенир.
Облека? Секој детаљ – партал.
Парталосана, со сабји парчосана.
Лице страшно, пантера горска,
а го погледне, добиваш болест морска.
Сабја, глави од рамена што дели,
ги сече ко лубеници зрели.
Папагал на рамо што креска само:
„Пази секира лево, нож од тамо!“
И мора да има, без дилема,
неколку заби што ги нема.
Бродови, галеби, море сал,
и на него грозна бура,
ни случајно да прочитал
книга… ништо од култура.
Толку да е тмурен, некултурен,
што ти доаѓа од срце баш,
стално да му се извинуваш:
„Извинете, што сте некултурен…
сигурно сте имале живот тмурен.“
Да не видел во живот книга бела,
ни буква, не дај боже, азбука цела.
Е, за ваков борец без мана,
ќе станам веднаш гусар,
само на негова да сум страна.
Илустрација: Наташа Костовска





Напишете коментар