прераскажал: Ванчо Полазаревски
Многу, многу одамна, кога на земјата владееја боговите, еден ден врховниот бог Зевс му нареди на својот син Хефест да направи жена од парче глина.
Најголемиот мајстор меѓу боговите Хефест го послуша и така на земјата се појави првата жена, Пандора. Тоа име значи „надарена за сѐ“.
И навистина, Пандора ја бидуваше за сѐ затоа што боговите и божиците, по наредба на Зевс, ја обдарија оваа жена со најубавите особини.
Потоа Пандора се омажи за Епиметеј, братот на титанот Прометеј.
Тие си живееја во љубов и слога сѐ до денот кога неочекувано ги посети богот Хермес, инаку гласник на боговите. Тој им остави голема кутија и на заминување им рече: „Никако, по никоја цена, не смеете да ја отворите оваа кутија.“
Од тој час Пандора беше обземена со кутијата.
„Само да ѕирнам“, му рече таа на Епиметеј. Тој енергично беше против. Но Пандора не го послуша и вродената љубопитност ја натера да ја отвори кутијата.
Кога капакот беше кренат, за час од кутијата беа ослободени сита зла на светот што беа затворени во неа. Тие како мушички се разлетаа на сите страни.
Пандора веднаш го спушти капакот, но веќе беше доцна. Утредента таа слушна тенко гласче од внатрешноста на кутијата како ја преколнува повторно да ја отвори кутијата. Пандора го направи тоа, го крена капакот по вторпат и ослободена од кутијата се најде надежта. Така Пандора малку ја поправи својата грешка, затоа што му ја даде на човештвото најголемата од сите утехи – надежта.
Но, големата грешка веќе беше направена, светот од рајско место за живеење се претвори во ова што е и ден-денес, место во кое царуваат сиромаштија, болести, војни и други неволји.
И затоа, и ден-денес кога ќе се каже „отворање на Пандорината кутија“, тоа значи дека е сторено некое непоправливо зло.
Од книгата „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“.
Илустрација: Наташа Костовска





Напишете коментар