Кон книгата Беззборовната Ела од Викторија Патрашку и Кристијана Раду, превод од романски: Лидија Димковска, Скопје, Чудна шума, 2024

Пишува:  Ана Јовковска


„Премногу зборови. Се тркалаат безглаво како нескротени животни. Се удираат од асфалтот на улиците, од ѕидовите на зградите, течат врз стаклата од автомобилите, скокаат еден преку друг низ продавниците, овде-онде гризејќи се едни со други, и на крајот умираат истоштени. Умираат без дом. Веќе никој не ги сака, веќе никој внимателно не ги слуша. Веќе никој не им ја бара смислата. Никој не им нуди засолниште“. Што ли се случува кога зборовите ќе се уморат? Или, не, кога зборовите се жедни за повеќе значења… Или, кога зборовите се раслојуваат во различни бои… Кога перпетуираат околу (без)смислата… Кога се испразнети од суштина… Кога се мувлосани… Или, пак, кога ќе ја побараме примордијалната смисла на зборовите… Дали тогаш ќе се пронајдеме себе си?…

Деновиве интензивно размислував за луѓето чиј свет е лишен од зборови. Имам пријателка со дете со aтипичен развој, конкретно аутистичен спектар на нарушувања, дете кое е невербално и кое ја нема можноста да ги изрази своите емоции на радост, тага, лутина или гнев преку зборови. Во училиштето на мојот син, пак, запознав момче кое има селективен мутизам. Станува збор за анксиозно растројство кое се јавува кај децата и се карактеризира со неспособност детето да зборува и да комуницира во некои социјални средини, како што се училиштето или градинката, а зборува во средини каде што се чувствува безбедно и опуштено, како домот, на пример. И додека ги набљудував различните секојдневни битки на овие луѓе в рака ми падна книгата Беззборовната Ела (Чудна шума, 2024) од Викторија Патрашку и Кристијана Раду. Кога ќе одбереш книга којашто е дел од каталогот „The White Ravens“ на 200 најдобри книги за деца и млади (конкретно за 2016 година), немаш дилема дека се работи за одлично книжевно дело. Сепак, откако ја прочитав, ми се потврди дека се работи за исклучително добро издание за деца, но и за возрасни. Добрите книги за деца имаат еден слој што е наменет за најмалите читатели и неколку слоеви кои треба да ги декодираат возрасните.

Приказната започнува портретирајќи го малечкото девојче со атипичен развој. „Ела беше нема. Така велеа сите што ја познаваа. Мислеа дека е нема затоа што од нејзината уста никогаш не можеше да се чуе никаков звук. Ниту еден збор не полетуваше од нејзините усни и ниту еден, па дури и најмал шепот, не го имаше помилувано слухот на нејзините родители. На прегледите, лекарите немоќно ги креваа рамената. Ела беше здрава, а сепак не зборуваше. Не зборуваше и точка. И никој не знаеше зошто“. По овој едноставен, а силен почеток, откако дознаваме дека Ела е девојче со аутистичен спектар на нарушувања, приказната ги раслојува комплексните емоции на родителите кои се борат со специфичната состојба на својата мала ќерка. Нивните надежи и верба дека Ела еден ден ќе прозбори, нивната меѓусебна поддршка, нивната безрезервна љубов. Потоа започнуваат грубите етикетирања на Ела од страна на децата во училиштето, нарекувајќи ја глупава и хендикепирана, перфидните бруталности на русокосата со розови панделки, лишеноста од емпатија… подмолното врсничко насилство. И низ сите тие заплеткани емоционални состојби се појавува едно момче со црвено капче кое не ја отфрла Ела, туку се обидува да го разбере нејзиниот поинаков свет. Љубопитно црта со Ела, продира во богатиот имагинарен свет, топло ѝ се насмевнува, создава меур од пријателство во кој на ситни парченца се кршат сите груби емоции што како стрели се упатуваат кон Ела од повеќето врсници во училиштето. Момчето со црвено капче создава дом за неизговорените зборови на Ела. Создава почва во која се всадуваат новите никулци на значењето, смислата и љубовта. Оние кои ги надминуваат границите на јазикот, оние со чија слобода се премостуваат ограничувањата на вербалната комуникација. Оние кои го демантираат и Витгенштајн и неговите тези дека границите на нашиот јазик се границите на нашиот свет. Отаде зборовите… во еден нов универзум на значењата.

Беззборовната Ела е приказна за лековитата и разорната моќ на зборовите, како и за леснотијата со која им ставаме етикети на луѓето околу нас. Имено, Ела е мало девојче кое не зборува, но ги штити и ги чува зборовите како богатство, длабоко скриени во своето срце. Ела не зборува, но таа има прекрасни пријатели во нејзиниот магичен свет, како мачката без едно уво, чија опашка е едно рипче, едно глувче и еден тивок сив слон… Магично!

Литературата ја има моќта да преиспитува, да отвора сериозни прашања, да поттикнува интензивни чувства и да го менува светот на подобро. Затоа, среќни сме што книгата Беззборовната Ела ја имаме на македонски јазик во издание на „Чудна шума“. Извонредниот превод од романски јазик е на писателката Лидија Димковска, актуелната добитничка на наградата Роман на годината, која вели дека преведувањето на литература за деца за неа е чиста радост, творечка возбуда, вруток на нови сознанија и љубов на прв поглед. „Се преродувам кога преведувам сликовници и книги за деца. Преведувајќи ја книгичката Беззборовната Ела од романската писателка Викторија Патрашку, чувствував како во мене се населува светот на Ела во кој зборовите се здобиваат со примордијалната смисла што ја забораваме во секојдневниот живот. Сигурна сум дека децата и возрасните кои ќе ја прочитаат приказната за Ела која знае каква е моќта на зборот, ќе научат нешто повеќе за емпатијата на она што се изговара, но и на она што не се изговара“ (Лидија Димковска).

И најпосле, поврзувајќи ја литературата со реалниот живот би сакала да цитирам едно сведоштво на родител од новинарската сторија на Лени Фрчкоска за инклузивното образование на децата со атипичен развој: „Инклузивното образование е одлично замислено на хартија, но малку поинакво во пракса. Сите деца не добиваат доволна поддршка, училиштата немаат соодветни стручни тимови ниту обука за наставниците, ниту буџети за сензорни соби и други неопходни реквизити. Но, од прва рака тврдам дека сето тоа е споредно, а целта на инклузијата се остварува кога за тоа има вистинска желба од сите вклучени. Пред само година и пол мојот син со атипичен развој не сакаше ни да се приближи до училницата, па цел септември вртевме кругови околу училишната зграда, а цело полугодие низ ходниците. Денес, тој секое утро оди на училиште со насмевка. Соучениците од неговото одделение покажаа дека заслужуваат дипломи за одлични другари! Тие не само што му помагаат во завршувањето на училишните задачи, го мотивираат кога му паѓа концентрацијата, го охрабруваат да остане во училницата кога ќе ги забележат знаците на неговата хиперактивност, ги следат неговите интереси и можности, туку и секојдневно го гушкаат и му покажуваат дека го разбираат иако е невербален,  го прифаќаат и го сакаат. Децата не знаат што е стигма и дискриминација додека ние возрасните не ги научиме“.

Имено, сите овие големи и важни теми за децата со атипичен развој и аутистичен спектар, за бруталноста и дискриминацијата, за инклузијата и за емпатијата сесублимирани низ книжевниот и визуелниот јазик во сликовницата Беззборовната Ела којашто е дел од проектот „Млади европски приказни“ (Young European Stories – YES) за превод и циркулација на европски книжевни дела, ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, поддржана од Министерството за култура на РСМ. Благодарна сум им на сите автори, преведувачи, илустратори и издавачи кои ја збогатуваат детската книжевност со прекрасни теми што ја сензибилираат јавноста за важните прашања во современото општество. Конечно, ова не е книга за еднослојни прашања и зборови, туку за примордијални симболи и емоции!


Илустрации: Кристијана Раду


Напишете коментар