кон „Лили“ од Теона Цоневска и илустрации на Ирина Атанаскова

Пишува: Соња Исмаил

„Лили” во издание на Чудна шума е книга создадена од две сестри. Теона Цоневска ја испишала оваа нежна книга, а Ирина Атанаскова ја обоила со најживите бои и заедно создале една рајска композиција, која како да ги подава своите плодови кон вас.

„Лили” зборува за едно ливче кое никако да стане цвет, никако да расцути, иако живее во една живописна шарена градена со најразлични цветови, секој прекрасен на свој уникатен начин. Борбата на Лили трае повеќе од една пролет. Нејзината надеж дека конечно ќе се отвори ја потхранува секој зрак на сонцето, секое ново ливче или пупка на соседите во градината. Но и нејзината тага расте со секој одминат ден.

Сѐ до моментот кога после една силна бура од неа се раѓаат најмагичните бели цветови чија убавина ја засенуваат и онаа на нарцисите.

Ева: „Ете ја Лили! Знаев дека ќе биде најубава!”

Секоја пролет има свое време. Како што секој цвет точно чувствува кога треба да им се даде на очите на светот, нестрпливи за неговата убавина и раскош.

Секој расцутува кога ќе дојде неговото вистинско време. Тоа можеби нема да биде кога календарски пролетта е во полн сјај, можеби ќе се случи на зима, кога другите не се ни осмелуваат да ѕирнат над снегот. Можеби ќе расцутат додека се покриени со дебел јорган од есенски лисја.

Но, на секој му доаѓа неговото време. И тоа е само негово, тоа е неговиот миг. Убавината на цутот кај некои трае подолго, кај некои таа убавина е миговна.

Но е незаборавна.

Илустрации: Ирина Атанаскова

Напишете коментар