Кон „Зад вратата“, од Езги Берк и Ознур Сонмез, во превод на Васко Марковски
Пишува: Ана Голејшка Џикова
Периодов некако многу често зборувавме со ќерка ми Надја околу стравовите, а јас ја прашував од што најмногу се плаши. Одговорите беа различни: од темница, од бумбари и бубачки, од „телевизорот кога зуи“ и од дупки. Какви дупки? Ја прашувам: такви вика, што не се гледаат, а можеш да паднеш во нив. Интересно, си велам.

Во книгата „Зад вратата“, во издание на Чудна Шума, авторката Езги Берк на многу едноставен, прецизен јазик го опишува соочувањето на детето (но зарем не и на возрасниот?) со стравот.
Али, едно навидум кревко човеченце нацртано со најслатките стапчиња ноџиња од илустраторката Ознур Сонмез, е дете кое ги „трупа“ своите стравови и срамови зад вратата од својата соба. Типично детско однесување низ книга, ќе си кажете. Претпоставувам дека како возрасни, како родители, се прашуваме/те како децата го доживуваат стравот: како голема баба рога со црвени очи во темнината, или како потсмев од другарчето во паркот кога ќе паднат и ќе си ги издраскаат коленцата?

Раскажете им на децата дека нормално е да се плашат од различни нешта. Стравот е тука, со него можеш да комуницираш кога ќе го спознаеш, кога ќе го прашаш зошто е таму каде што е: зад вратата или под креветот или во нашите срца и умови. Али секоја ноќ проверува дали вратата е добро заклучена, оти не сака да ризикува стравовите да му се појават во сон или било каде. Сепак, една ноќ – вратата ја наоѓа подотворена. Погодувате дека влегува и на „преминот“ внатре, ја наоѓа храброста. Светот таму, кога веќе е свесен за него, станува пријатно место за посета. Како кога ќе се соочите со стравот, потоа веќе ништо не може да ве победи. Важна психолошка книга, едноставна по карактер, длабока по значење, шарена по изглед која не се плаши да ве соочи и вас, како родител и читател со самите себеси.
Важно е дека со оваа книга можете да стигнете до клучните прашања околу стравовите, дека тие чувства на нелагодност, на непријатност, на неубаво, се валидни. Визуелизацијата е чиста, шарена, примамлива за децата кога ќе им ја читате, што е заслуга на илустраторката. Преводот е едноставен и директно ве внесува во нарацијата, дело на Васко Марковски.
Признајте си денес дека се плашите од многу нешта, кажете ги на глас. И стравот малку ќе се намали. Ви ветувам.

Илустрации: Ознур Сонмез





Напишете коментар