Рецензија кон „Беззборовната Ела“ од авторката Викторија Патрашку, илустрации на Кристијана Раду и превод на Лидија Димковска

Пишува: Ана Голејшка Џикова

Имам два збора за оваа книга: тишина и надеж. Нешто како внатрешно тихување. Задолжително четиво за вашите деца!

Авторката на „Беззборовната Ела“, Викторија Патрашку, создала книга во која зборовите се насекаде, но грижливо заштитени во срцето на Ела, која според сите етикети во околината, е „нема“, „неподобна“, „не знае ништо и е глупава“. А таа, всушност е само едно молчаливо девојче кое создава внатрешни светови и во нив се чувствува безбедно, на свое.

Со зборовите таа има посебен однос, како да е чувар на сите нивни значења, а тоа е толку голема задача за едно толку малечко девојче! Илустрациите се магични – зборови, зборови, многу бои, форми како воздушести цртежи со молив и симболично претставување на Ела без боја кога е во реалноста, а во виолетово фустанче кога е внатре во својот свет. Преводот е на нашата Лидија Димковска, во кој е одлично пренесен наративот на приказнување, прикажување, ослободување со вистинските зборови.

Книга-прирачник за да си ги „прибереме“ јазиците кога станува збор за деца и воопшто личности со атипични особености, кои не зборуваат многу или просто, не сакаат да влегуваат и излегуваат во реалноста по норматив кој сите ние многу некако со кочоперење, сакаме да го присвојуваме. Реалноста не е иста за сите, нели? Но токму тоа ја прави прекрасна и различна. На Ела во сиот тој виор зборови, каде мачето, глувчето и рипчето се другарчиња, ѝ се случува нешто многу важно: таа добива нова димензија на сопственото постоење кога едно момче со црвен качкет, ќе ѝ се приближи, со јазикот на добрината. Заеднички ќе го нацртаат првиот збор: запознавање. Кога ги запознаваме нештата одблиску, подобро гледаме, подобро разбираме зарем не? Другарството и искрената љубов во комуникацијата секогаш нѐ водат до самите нас. До нешто ново, до некаков отскок кој значи надеж, во сета таа тишина. Книга за силно прегрнување на сите зборови и лесно отпуштање да излезат од нашето срце.


Илустрации: Кристијана Раду


Напишете коментар