кон „Прозорецот на господин Ѓун“ од авторката Ѓокнил Озќок , илустрации на Џејхун Шен и превод на Васко Марковски
Пишува: Ана Голејшка Џикова
Погледнете си ги нозете додека го читате ова. Што си помислувате?
Да, чуден начин да почнам да ви објаснувам што значи оваа книга за нас, возрасните, но и за децата чии нозе не можат да одат. За луѓето што се во количка и што единствено така можат да го видат светот. Така и за господин Ѓун, стапалата и чевлите што секојдневно поминуваат покрај неговиот сутеренски прозорец, се единствениот начин тој да го проодува одново својот свет.

Тивок и повлечен, господин Ѓун е приказ на сите оние луѓе чиишто желби за светот надвор стивнале поради телесната попреченост. Но тоа не значи дека умот нема нозе. Напротив, тој е несопирлив кога треба да раскаже важна приказна.
Во текстот на авторката Ѓокнил Озќок преовладува не само моќта на фантазијата, туку и реалната вредност на човечкиот живот во количка. Симболиката на прозорецот како парче слобода низ која го гледа светот, сутеренската позиција на живеењето како простор помеѓу земјата и небото, се само мал, вкусно уреден дел од читањето кој ќе ве натера да размислувате. Да се запрашате колку пати сме го зеле здраво за готово сопственото здравје, слободата на телесното движење, непречената можност да одиме од едно до друго место без напор… Овие ситни, а важни острици во раскажувањето поттикнуваат чувство на трогнатост и благодарност, барем во моето читање.

Убавината на оваа сликовница е што не е исклучиво за деца. Таа е за сите нас, есенско меланхолично илустрирана приказна од страна на Џејхун Шен и во превод на Васко Марковски. За возрасните кои брзаат секојдневно на работа, трчаат по обврските или по планините, за уморните стапала кои нѐ носат секаде каде што сме помислиле. И за оние луѓе чии нозе сега се тркалата од количката. Оние луѓе што не секогаш имаат можност да излезат од својот дом, затоа што зградата нема лифт, нема рампа или немаат соодветен пристап до надворешниот свет.
Глетката на господин Ѓун е во потрагата по она надвор, а всушност ќе се случи обратното: трагањето сепак е во него, внатре. Во неговото срце се собира храброст и тој излегува еден зимски ден надвор, кога снежните топки ќе направат мала мемориска џамлија и ќе ја фрлат директно во неговото прозорче.

Средбата со девојченцето кое ја дели истата приказна со неговата е она што ќе ве расплака и охрабри да погледнете малку подлабоко во суштината на нештата. Да ја разберете туѓата перцепција и свест. Да направите можеби повеќе простор во својот ум за луѓето кои се во неможност да го видат светот. Да реагираме кога улиците немаат рабници, кога јавниот простор нема патеки за движење. Да го отвориме прозорецот низ кој чекорот е заеднички – за сите.

Илустрации: Џејхун Шен





Напишете коментар