Кон книгата „Деветтиот живот на принцот на мачките“ од Дора Гимеши и Каталин Сегеди, превод од унгарски: Златко Панзов, Скопје, Чудна шума, 2024

Пишува:  Ана Јовковска


„Но, тој е далаверџија.“ – „Треба да биде таков“ (Ференц Молнар: Лилиом). Ова се првите зборови кои ќе ве сретнат кога ќе ја отворите илустрираната книга Деветтиот живот на принцот на мачките (Чудна шума, 2024) од Дора Гимеши и Каталин Сегеди во превод од унгaрски јазик на Златко Панзов. Веднаш станува јасно дека Тој, далаверџијата, (сè уште неоткриен на почетокот) е страстен човек, бескомпромисен бунтовник, опасен љубовник, вистински Казанова, идеалист и сонувач кој животот го вдишува со полни гради. Арно ама, таков неранимајко да не го донесeш дома (А зошто да не биде и Таа?) Вака, по малку хумористично, би ја започнала анализата на оваа прекрасна, длабока, магична книга составена од две различни приказни – Кога запре времето во градот и Деветтиот живот на принцот на мачките, и двете лоцирани во еден од најубавите градови во Европа – Будимпешта. Одамна не сум читала книга што толку интензивно ја разбранува и ја разузда мојата фантазија. Ваквата пловидба во светот на имагинарното, волшебното, магичното ги разбуди сите мои сетила. Бајковитите пејзажи за љубовта се најубавите приказни што сум го прочитала во последно време!

Наративната плетка се растегнува од светот на секојдневието до светот на лирската имагинација. Во тој магичен свет дрвјата се претвораат во луѓе, птиците во цвеќиња, камениот принц во човек, водната самовила добива пар нозе и патики за да го прошета светот, статуите од силни момчиња го држат универзумот на своите плеќи, сите кокетирајќи со волшебната убавина на пролетта. Нивната метаморфоза е метафора за промените низ кои минуваме во животот, за трансформацијата што ја доживуваме кога ќе се вљубиме, за презервирањето на сопствените гледишта и вредности, за компромисите што ги правиме во име на другите, за помрднувањето од својата оска за да го разбереме Другиот, за отстапките кои сме подготвени да ги направиме за највозвишената силна во универзумот – љубовта. Но и за слободите што треба да ги одбраниме!

Кога Принцот изделкан од камен во кој се вљубени сите девојки и жени од Будимпешта, не само девојките со раскошни плетенки, туку и самовилите кои минуваат оттаму, почнува да го брка дрскиот сончев зрак, случајно ја сретнува Водната самовила со разбушавена, тиркизна коса која испливува од брановите на реката Дунав. Нејзината рутина е да ги гони брановите од брзите потоци и морските бури, додека на секое пристаниште во неа фатално се вљубува по еден принц. Фасцинирана од убавината на расцутената пролет на страната на Пешта, Водната самовила добива желба да го запознае градот. Средбата со Камениот принц создава љубовна магија, па така, за нив времето запира кога тие почнуваат да фрлаат камчиња во водата, да си раскажуваат приказни, да ги бројат дамките од кварц на грбот на Камениот принц, да стојат на една нога како штрковите, да шетаат и јадат вафли со многу шлаг. Низ овие фантастични описи времето запира, фудбалските тимови играат нерешено, пупките не расцутуваат, птиците не се преселуваат во потоплите краишта, се чини пролетта засекогаш ќе се задржи во градот. Незабележително поминуваат три или триесет или, пак, триста години, сè додека и двајцата не добијат повик да се вратат назад на своите претходни навики, обврски и рутини. Камениот принц е потребен за повторно да го крене универзумот на своите широки рамена, а водната самовила е неопходна за брановите. Нивната разделба е тажна, па се обидуваат да најдат компромисно решение. – „Би можела да останеш, овде на копното“ – неочекувано рече Камениот принц. – „Често ќе те посетувам, ќе ти ги раскажувам сите среќни и тажни приказни, понекогаш ќе испеам и по некоја песна“. – „Дали некогаш си видел бран што запира? Јас би сакала да бидам цунами и водопад и пороен дожд напролет. Сакам да бидам туш. Да бев езерце во градина, немаше што друго да правам, туку само би ги одразувала лицата на другите. Би ме покрила тиња, би ме исушило летното сонце. Би станала вирче полно со жаби. Но, знаеш што? Подобро ти да дојдеш со мене во реката! Ќе те одведам на море, а од таму во океанот. Ќе ти ги покажам шарените риби на бреговите на Индонезија, а ние ќе лежиме на грб и ќе гледаме во ѕвездите на јужното небо“. На тоа Камениот принц одговара: „Дали некогаш си видела карпа во река? Прво ќе се појават пукнатини тенки како влакна на неа, потоа ќе се распарчи и на крајот ќе се истроши во малото тркалезно камче. Сега сум голем и силен, во реката би станал камче, децата би играле со мене и повеќе никогаш не би можел да те носам на рамената“. Покрај главниот мотив на љубовта, оваа приказна е браник на слободата, на осознавањето на личниот простор и автентичниот идентитет. Дијалогот помеѓу Водната самовила и Камениот принц суптилно продира и во машко-женските релации, нормираните улоги во општеството, хиерархијата на родовите и моќта, симболично расклинкувајќи ги традиционалните очекувања.

Во втората сказна  Деветтиот живот на принцот на мачките, според која е именувана книгата, Дора Гимеши пишува за љубовта помеѓу најубавата пролетна самовила Алинка и големиот љубовџија со немирен дух, Принцот на мачките. Нескротливиот темперамент на Принцот на мачките ги провоцира солзите на Алинка, која не е подготвена да му прости за неговите љубовни екскурзии и неверства. Тука се појавува и архетипот на вештерката во една дебела старица задолжена за фрлање на клетви. Одмаздата ѝ го заматува умот на Алинка која за да фрли клетва треба да се откаже од тоа да биде самовила, како и од вечниот живот. Сакајќи по секоја цена да го утеши своето раскрвавено срце и да ја ублажи љубовната болка, таа ги предава своите шарени крилја исткаени од бајки и станува обична жена. По многу години кога Алинка е старица, пред самиот чин на смртта, Принцот на мачките се враќа кај неа, подготвен да ја жртвува не само својата слобода, туку и сите свои девет животи, само за да ѝ ги врати крилјата на Алинка, а со тоа и нејзината бесмртност. Смртта нервозно си ги крши прстите, свесна дека ја губи битката од љубовта.

„Постои еден град на Големиот свет, во градот еден плоштад,  на плоштадот една куќа. Во куќата живее една прастара бабичка со еден прастар господин мачор… Секој што има очи и не може да заспие ноќе, може да ги види на спротивниот покрив, во кое било време“.

Каква прекрасна книга! Магично сведоштво за љубовта и ода за слободата! Книга за сонувањето и крилјата кои не смееме да ги пресечеме! Книга за (не)вдоменоста и припаѓањето! Книга за минливоста и вечноста! За неуморниот кружен тек на природата и циклусот на животот!   

Неслучајно Деветтиот живот на принцот на мачките ја доби наградата HUBBY книга за деца на годината. Илустраторката на книгата, Каталин Сегеди, е повеќекратна добитничка на наградата Најубава унгарска книга и добитничка на наградата Илустратор на годината во 2005 година. Бројни се наградите и на авторката на книгата Дора Гимеши, која е драмска писателка, сценаристка и режисерка, и работи како драматург во куклениот театар во Будимпешта.

Среќни сме што ова прекрасно дело за бајките и многуте лица на љубовта може да го најдеме во книжарницата „Чудна шума“ преведено на македонски јазик, ко-финансирано од Европската Унија и делумно поддржано од Министерството за култура на Р.С. Македонија.  


Илустрации: Каталин Сегеди


Напишете коментар