Пишува: Лени Фрчкоска
„Знаеш, јас мајка ми ја изгубив додека беше сè уште жива. Во моментот кога првпат ми беше јасно дека не ме препозна. Мислам дека беа 20-тина секунди ако не и пократко, ама ми беше потполно јасно дека не ме препозна и дека се исплаши од мене. Во тој момент ми се појави една осаменост која потоа ја „тегнев“ постојано. Ја изгубив комоцијата на здраво-за-готово. На тоа дека мајка ми е phone call away. Од тогаш почнав да плачам и да оттагувам. Сè потоа, целoсната деменција, грижата, смртта, погребот, помените… Сѐ ми беше некаква чудна бирократија. И дополнително ми беше тешко што мојата тага додека мајка ми е сѐ уште жива ми беше незгодно некому да ја соопштам и да ја споделам.“
***
Една од клучните улоги на книгите за деца и млади е отворањето простор за разговор. Поставување на основа која може да се искористи како иницијална точка да се започне разговор за деликатни прашањата, кои кај возрасните создаваат анксиозност, често се непријатни или се чувствуваат неспремни да ги постават и правилно да дискутираат со децата или младите. Секако, кнжевноста за деца и млади има минимум десетици други круцијални улоги, но во овој контекст важна ни е оваа.

Фантастиката и бајките тој простор го отвораат преку вметнување фантастични елементи, лиминален или целосно одвоен свет кои нудат безбедна дистанца и полесно „копање“ низ темата која демне под пластовите фантазија. Од тие причини детските книги и книгите за млади се користат, на различни нивоа и форми, во психотерапијата со деца и млади.
Ива Безиновиќ-Хејдон и Хана Тинтор користат различен пристап кога во сликовницата „Мојата бабичка не знае која сум“ (во одличен превод на Калиопа Петрушевска) темата на деменцијата (подискретно и темата на смртта) ги претставуваат прилично реално. Нежно и педагошки одмерено, но истовремено прилично отворено.
Ема е збунета зошто баба ѝ Зринка, со која минувала прекрасни мигови (кампување во шатор во дворот, читање стрипови, возење велосипед, патувања…) одеднаш се однесува чудно. Не знае каде ѝ се очилата, кој автобус ги води до дома иако претходно стотина пати се возеле со истиот, кој ден е, дали ги испила лековите и сл. И тоа прогресира и само станува поконфузно.
Конфузијата на бабата, збунетоста и уплашеноста на Ема се одлично претставени и низ транформирањето на колоритот и формите на илустрациите. Позадината станува темна, конфузијата на бабата претставена низ форми кои делуваат флуидно и без јасни граници, додека Ема ја гледа збунето и физички се „држи“ за нешто.
Како што состојбата на бабата прогресира, татко ѝ на Ема станува тажен.
Баба ми го загледуваше љубопитно а потоа го праша како се вика.
Не го препозна.
Никојпат претходно го немав видено татко ми да плаче како тогаш, на клупата пред старскиот дом.
Но, кога се чини дека ситуацијата станува претешка, атмосферата се менува, и чувството на беспомошност се надминува кога во игра влегуваат веселите спомени. Почнуваат да се потсетуваат на смешни и убави случки врзани со бабата и тагата станува поднослива. Споменот за пријателствата во својата најжива форма, низ миговите на екстатично смеење и споделување, ја надмоќуваат тагата.
Дополнително Ема покажува способност и флексибилност која почесто им е поблиска на децата отколку на возрасните, а тоа е да ја вклучи бабата во секојдневието на начин кој ја надминува ограниченоста од деменцијата.
„Мојата бабичка не знае која сум“ е една од оние сликовници кои се наменети за деца помеѓу 6/7 – 9 години, но можеби уште повеќе за родителите на тие деца кои се исправени пред предизвикот комплексното прашање на деменцијата и смртта да го разговараат со децата. Истовремено на едно друго ниво е книга која може да ја читаат само возрасни кои (како мојата пријателка во воведот на текстот) се беспомошни пред неминовното. Низ сведен и едноставен јазик успева да нè потсети дека наместо да потонеме во нихилизам дека сѐ е минливо и следува океан на осаменост и тага, до тој миг има време за љубов блискост, сеќавање и… создавање убави спомени.


Илустрации: Хана Тинтор
Извор: Либертас






Напишете коментар