кон „Деветтиот живот на принцот на мачките“ од Дора Гимеши, со илустрации на Каталин Сегеди и превод на Златко Панзов
Пишува: Ана Голејшка Џикова
Книга во која сакам кога читам, да влезам низ илустрациите и внатре да ги почувствувам сите фантастични моменти!

„Деветтиот живот на принцот на мачките“ е книга во издание на „Чудна Шума“, од Дора Гимеши. Напишана со мајсторски прониклива нарација, со волшебни места каде читателот може да се потпре, одмори, да се сопне, препне, да падне и одново да стане. Преводот е на Златко Панзов, морам да кажам – одличен!
Илустрациите се на Каталин Сегеди, неверојатни, питорескни, како да разгледувате стар џез албум од некоја надреална седенка во будимпештански кварт. Бои и топлина од сите ќошиња, буквално. А сега приказните. Всушност, тоа се две прераскажани сеќавања, кои во својата есенција ја слават љубовта и различноста. Магично!
Едната приказна ја раскажува старата баба-чинар (многу ми се допадна дека една бабичка кога умира се претвора во чинар кој раскажува😊), а во неа главен мотив е слободната љубов што го запира времето. Ќе видите и ќе прочитате и зошто. Кога каменот добива немир, а бурата се смирува, значи дека нештата се промениле. Низ раскажувањето, добивате целосен градски пејсаж на Будимпешта, топоними кои како низ книжевна мапа, ги посетувате со главните ликови. А тие се како создадени за сетилно читање. Камениот принц што го држи универзумот и Водената самовила се елементи на вечното трагање по авантура и среќа – не само во љубовта, ами во животот воопшто.
Другата приказна ја раскажуваат повторно две госпоѓици, дрвја – костен и цреша. И овде приказната е водена од љубов, но и имагинативните ликови кои како излезени од цртеж на Дали. Maчорот будала, ерген и вечен лажливец по кого паѓаат градските девојки и моми, на својот мудар мустаќ ги „врти“ сопствените желби и никогаш не го менува својот мачорски нарав. Се жени со Алинка, пролетната самовила, но неговото однесување го води во сигурна пропаст. Алинка, лута на него, со својата самовилска клетва ќе го претвори во мачор со девет животи, осуден на вечно талкање.
Но, и тука љубовта ќе смеша со прстите, како лажиче во чај од лаванда. Уморен од сите девет животи, Принцот на мачките сепак ќе побара од страшната вештерка Агонија да ја скрши клетвата и да го спои одново со својата, веќе стара, подгрбавена баба-самовила Алинка.
Оваа книга е прекрасен симбол на циклусот на животот и смртта, со вешто и топло пресликани вечните прашања за растот во нас, нашите внатрешни промени, желби и состојби. Може да се чита како сценарио за волшебна драма на најмалите, а можете да ја читате и вие, возрасните и да се запрашате: кога последен пат слободно мечтаевте легнати на трева гледајќи во ѕвездите?

Илустрации: Каталин Сегеди





Напишете коментар