од Владимир Лукаш
Внатре-вон, внатре-вон
– скокал на порта еден муфлон.
„Сешто!” – си помислил кондураџијата слон
што ковал црн излитен ѓон.
Сè и Што спокојно си шеткале,
дур вилински коњчиња си леткале.
Си леткале и ковале планови смели,
зелените лисја да ги сторат бели.
Зелените лисја се побуниле
и боите в револт заѕуниле,
пуштиле низ шума шарени летоци,
на кои пишувало: „Ги укинуваме сите петоци!”
„Како ќе нè укинете?” – прашале петоците
и на лисјата им ги саснале пците.
Лисјата се разбегале на сите страни,
ко да ги бркаат лути пирани,
се сокриле в есен рана
и чекале да си паднат.
А муфлонот си скокал ли си скокал,
ожеднел и цел бокал локнал,
слонот го гледал, си помислил „Сешто!”
и продолжил чевли да поправа вешто.
Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.





Напишете коментар