кон „Светулка“ од Филипа Даудинг, во превод на Диана Николовска
Пишува: Ана Голејшка Џикова
Она што остава впечаток откако ќе ја прочитате „Светулка“ на Филипа Даудинг, е леснотијата со која нарацијата ве води низ силни емотивни, трауматични сеќавања на главниот лик. Никаде не чувствувате тага или болка, сѐ додека самата Светле или Светулка, не „исчезне“ на кратко, соочувајќи се со својата вистинска реалност. Дете чија мајка е дете, или дете кое е мајка на својата мајка е одличен почеток за раскажување како во современите семејства, понекогаш има многу помалку од она што сме навикнале да гледаме, слушаме, читаме. За домот кој не е дом, за живот кој не е во нормите на живеењето.
Светулка е мојот костимиран гласник кон светот! Ја доживеав многу блиска до себеси. Затоа што и јас сакам да влегувам во улоги за да се чувствувам подобро, посигурно. Затоа што секое дете сака да се костимира, да глуми, да се чувствува подобро, посигурно. Така и Светулка кога се „враќа“ на нормалниот живот, односно нејзината тетка Гејл ја спасува од животот на улица. А да се живее нормално, во стан над „Корсетираната дама“, продавница за костими, е нешто невообичаено и одлична подлога за авантури.
Кога се прашуваме што сме ние, кои сме, во светот? Кој е вистинскиот костим? Имаме ли одговор? Прашајте се себеси, оваа книга го отвора најубавото прашање за нашиот живот, а тоа е колку се познаваме себеси за да можеме да ги запознаеме и другите. Да не ги судиме. Да видиме дека нашата светлина некому може да му го осветли денот. Дека сите семејства се различни, дека љубовта е лековита, дека стравот може да се надмине само кога ќе се „влезе“ во темнината.
Светулка симболично го „осветлува“ оној мрачниот вкус на неправдата на едно дете кое расте само, отуѓено од сопствената природа да биде – дете. Преводот на книгата е одличен, а е на Диана Николовска. Роман кој допира, кој напипува каде нѐ боли. Книгава е прекрасна, што да ви кажам повеќе – прочитајте ја, или подарете ја на ваши блиски, и мали и големи. Нека им го разјасни денот. Нека ги направи свесни за нивната важност во светот на другите, а пред сѐ, сами пред себеси. Затоа што секој од нас некогаш бил светулка што го пробива мракот!

Илустрација: Елена Стојкова





Напишете коментар