од Екатерина Ширгоска Лена


Мама заврши со читањето. Ја бакна Софија, ја изгаси светилката и излезе од собата, па чудесиите можеа да започнат.

Софија беше подготвена за нова авантура на некое ново волшебно место.

Седна во пилотската кабина на својот мал бел авион, кој вешто го крие од светот паркиран во плакарот. Го притисна розовото копче и 1, 2, 3 со брзина на светлината пристигна на Маврициус.

Маврициус е малечок остров, вистински африкански бисер кој плени со својата убавина. Сонцето катаден ги распостила своите златни зраци на белите песочни плажи. Луѓето се насмеани без оглед на сѐ.

Софија го откри ова волшебно место набљудувајќи го глобусот кој стоеше на полицата во дневната соба. Знаеше дека Африка е мајката на некои од најчудесните диви животни на светот, па одлучи дека мора да ја посети и одблизу да ја запознае.

Авионот слета во дебелата сенка на старото дрво на работ на една живописна оаза. Ах, колку прекрасно изгледа – си помисли Софија слегувајќи од авионот. Почна да разгледува наоколу и да ги гради првите впечатоци. Разликите на природата со сите нејзини бои во и надвор од оазата ја фасцинираа. Оазата беше полна со живот, обоена во различни бои, додека широкото пространство надвор од нејзините граници беше грандиозно земјено поле кое се протегаше наоколу.

Се охрабри и полека почна да ја истражува околината надвор од оазата. Чекореше по сувата земја со црвеникава боја, додека благото ветре ѝ ја галеше кожата посакувајќи ѝ добредојде во оваа прекрасна земја.

Неколку чекори подоцна, зад една голема грмушка, слушна чудни звуци. Љубопитноста ја заскокотка, па полека, тивко и внимателно ги тргна огромните листови на тропското растение за да ја открие нивната тајна. Широка насмевка се појави на нејзиното лице кога виде две малечки мајмунчиња кои сласно јадеа банани и се смешкаа.

Штом ја забележаа, во нивните очиња надвладеа страв. Софија полека им се приближи уверувајќи ги дека нема да ги повреди.

Таа, исто така, обожава банани. Внимателно го отвори својот ранец, извади банана и им ја подаде на мајмунчињата. Овој пријателски гест ги убеди во нејзините добри намери, па ѝ ја возвратија насмевката. Откако се најадоа, малите животни почнаа весело да потскокнуваат и да трчаат наоколу. Нивната нова пријателка радосно ги следеше.

Додека трчаа, природата волшебно се менуваше. Густото зеленило надвладеа над бескрајното земјено пространство. Високи тропски дрвја и шарени цветови ја заменија црвеникавата распукана земја. Големи папагали летаа на небото додека колибријата незабележливо кружеа околу дивите цветови. Идеалната хармонија на природата беше воодушевувачка, толку дива и разнолика, а толку балансирана.

И токму кога помисли дека видела сѐ, се појави стадо зебри кои весело галопираа во близина на Софија и нејзините нови пријатели. Таа беше мошне претпазлива зашто мама ја научи дека иако имаат добра душа, животните можат да бидат непредвидливи кога чувствуваат дека ги демне опасност.

Затоа ги набљудуваше од безбедна далечина пред да се увери дека може да им се доближи. Најпрво оддалеку им подаде рака, а откако се увери дека не ја сметаат за непријател, претпазливо им се приближи и ги погали. Отсекогаш им се восхитуваше на зебрите, а сега кога ги имаше пред себе, ѝ се видоа уште поубави.

Не можеше да си поверува на среќата кога неколку жирафи се појавија во непосредна близина. Ги свија своите бескрајно долги вратови и се наведнаа да ја изгаснат жедта во кристалното езеро. А тогаш езерската вода благо се разбранува и на нејзината површина се насликаа две глави, една поголема и една помалечка. Тоа беа мајка и бебе нилски коњи кои веројатно сакаа да видат кој им го мати мирот во нивното водено царство.

Во далечината забележа и неколку антилопи кои бегаа од еден гладен лав. Природата е навистина чудесна, си помисли. Сѐ изгледа дека е во совршена хармонија, а сепак секој мора да го пронајде своето место под сонцето. Животот е, исто така, своевидна борба, па така антилопите мораат да се изборат и да го наттрчаат гладниот лав.

Животот нѐ учи на соживот бидејќи природните богатства и дарови се ограничени, па мора да ги делиме. Среќата се дуплира кога е споделена, а тагата исчезнува кога ќе се сподели.

Со овие прекрасни мисли и со насмевка на лицето, Софија се збогува со животните и им се заблагодари за прекрасното искуство.

Влезе во пилотската кабина, го притисна розовото копче и веднаш се најде во својот топол кревет. Ја прегрна меката перница и потона во длабок сон.


Од книгата „Приказни за мали авантуристи: Волшебните патувања на Софија“

Илустрација: Алексеј Костовски

Напишете коментар