од Владимир Лукаш


Веселиот брадест змеј,
познат како Џон Вејн,
на три нозе трча и брчи
и в сон ко игуана ’рчи.

Везден вицови тој раскажува,
на сите дните им ги заблажува,
па дури и лутата кралска кобра
крај него станува ко еже добра.

А како ли тој змејко мал,
стана животински крал?
Зошто на највисоката карпа спие
и од цвет пустински роса пие?

Еднаш лавот толку се натажи,
што и небото го растажи.
Сета вселена тажно липаше,
само змејко весело рипкаше.

„Што ти е, лаву?“ – змејко праша.„
Да не си изел расипан грашок?
Да не те оставила лавицата твоја
штом сега плачеш под секвоја?

Ела си со мене да трчкаш,
престани рана да ’рчкаш,
трчањето насмевка создава,
смевот мир в срце додава!“

Лавот рече: „Змејко, ајде,
од плачење нема фајде!
Ако стигнеш прв на шумскиот бал,
од утре ќе бидеш животински крал!“

„Ураааа!“ – змејко весело викна
и светлина од очи му бликна,
в брз трк го престигна кралот
и за минутка стигна на балот.

И така тој змејко мал
стана животински крал,
на највисоката карпа тој спие
и од цвет пустински вода пие.

Од книгата „Пу за Мите, пу за сите“ во издание на Чудна шума.


Напишете коментар