прераскажал: Ванчо Полазаревски


Во дамнешни, многу дамнешни времиња си живееше едно момче по име Тезеј, на кое по сила во светот му немаше рамно. Згора на тоа, беше многу убаво, стројно со широки плеќи и силни мускули.

Еден ден мајка му го повика и му рече:

„Сине мој, денес полниш 16 години и време е да ја дознаеш вистината за твојот татко. Го гледаш оној огромен камен? Е, ако успееш да го поттурнеш, под него ќе најдеш нешто што ти припаѓа само тебе.“

Тезеј со леснотија го поттурна каменот и од дупката под него извлече меч со фина, сребрена дршка и чифт сандали извезени со злато.

„Тие му припаѓаа на татко ти, големиот Егеј, кралот на Атичкото Кралство на кое ти толку многу му се восхитуваш“, рече мајка му. „Време е, сине, да одиш во Атина и да го замениш татко ти на престолот. Земи ги мечот и сандалите како доказ дека ти си негов син и нека ти е среќен патот.“

Ете така, Тезеј се упати кон Атина. Патем, во голем број херојски подвизи уништи многу злосторници и ги ослободи луѓето од страдањата на кои никој не можеше да им стави крај.

И така, еден ден, тој се појави на плоштадот во Атина. Веста за неговите херојски дела пристигна во градот пред него, па луѓето покажуваа кон Тезеј велејќи: „Ова е тој, големиот јунак Тезеј.“

Тој се упати кон палатата на кралот Егеј и таму забележа нешто што многу го загрижи. Голем број млади луѓе пиеја и се гоштаваа и се однесуваа во палатата како да се дома.

Кога кралот Егеј го виде Тезеј и ги забележа неговиот меч и сандалите, срцето му заигра од радост.

Но, тој не сакаше веднаш да им ја открие тајната на своите сограѓани. Мирно го пречека јунакот, а откако овој се претстави, го замоли тој самиот, лично, да им раскаже на сите за неговите херојски дела.

Кога Тезеј заврши со опишувањето на своите подвизи, кралот Егеј срипа од престолот и рече: „Ти си мојот син и наследник на атинскиот престол.“

Овие зборови веднаш предизвикаа револт кај толпата млади луѓе, кои всушност беа внуците на кралот Егеј и само ја чекаа неговата смрт за да му го земат престолот и целото богатство.

Но, Тезеј лесно го смири бунтот. Совлада неколкумина од нив, а другите се разбегаа на сите страни затоа што беа обични страшливци.

Потоа, Тезеј застана покрај својот татко и, на радост на атињаните, тие почнаа да владеат праведно и набргу го вратија редот и мирот во веќе запустеното кралство.

Но, дојде и тој тажен ден кога атињаните требаше да му го платат данокот на критскиот крал Миној.

Тезеј, со голема жал, дозна дека поради една грешка на кралот во минатото, Атина секоја година мора да испраќа на далечниот Крит седум девојки и седум момчиња. Тие потоа му беа жртвувани на Минотаурот, страшното чудовиште кое живееше во критскиот лавиринт. Тезеј веднаш се пријави да биде едно од седумтемина момчиња. Залудни беа молбите и обидите на кралот да го натера да не оди во сигурна смрт. Тезеј само одмавнуваше со главата и вети дека сите заедно ќе се вратат живи и здрави, а срамниот данок засекогаш ќе биде укинат.

Пред тргнување, кралот го замоли Тезеј кога ќе се враќаат, ако успеале да го совладаат чудовиштето, црните едра на бродот да ги заменат со бели за да може Атина што побргу да се израдува и да им приреди величествен пречек.

Тезеј секако се согласи со тоа и тие со бродот со црни едра запловија кон далечниот Крит.

Штом стигнаа таму, Тезеј веднаш се пријави да биде првиот што ќе влезе во лавиринтот кај страшниот Минотаур. Оваа негова храброст ја одушеви Аријадна, ќерката на критскиот крал Минос. А кога таа виде колку е убав Тезеј, се вљуби во него и реши да му помогне во борбата со Минотаурот.

Му даде волшебен меч и клопче волница кое Тезеј требаше да го врзе на влезот од лавиринтот и да го отплеткува додека оди низ безбројните заплеткани ходници, за да може, откако ќе го убие Минотаурот, да го најде патот по кој ќе излезе надвор. И така, Тезеј се упати по мрачните ходници на лавиринтот. По долго барање успеа, слушајќи го неговото постојано рикање, да го пронајде ѕверот.

Тој имаше глава на бик, а телото му беше човечко. По голема и долга борба, Тезеј успеа да го убие Минотаурот и, следејќи го патот на конецот што го беше оставил при влегувањето во лавиринтот, да излезе надвор.

Таму веќе го чекаше Аријадна и тие, заедно со другите момчиња и девојки, веднаш се качија на бродот што ги чекаше подготвен да заплови назад, кон Атина.

Од голема радост и возбуда, екипажот на бродот изуми да ги смени црните едра на јарболот, па кутриот крал Егеј, кој ги чекаше качен на една висока стена, кога ги виде црните едра, помисли дека Тезеј е мртов и од жал скокна во морето и се удави.

По враќањето во Атина, Тезеј водеше многу херојски војни против непријателите, го обедини своето кралство и владееше долги години како справедлив и мудар крал.


Од книгата „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“.

Илустрација: Наташа Костовска

Напишете коментар