Подготви: Елена Копртла

Австралискиот уметник, писател и режисер Шон Тан (1974) е сестран автор на раскази, сликовници, графички романи, анимирани филмови, популарен кај публиката од сите возрасти, пред сè поради уникатните гледишта и сопоставувањето на надреалното и познатото.

Книгата која ќе го прослави Тан првично како илустратор „Зајаци“ (1998) е соработка со романсиерот Џон Марсден и е вид басна за колонизацијата, богата со ретро-футуристички слики и референци за австралиската историја. Неговиот прв соло проект, илустрираната книга „Изгубеното нешто“ (2000) е приказна за пријателството помеѓу едно момче и едно чудно и малку бизарно суштество и критика на  западниот конумеризам и допира сериозни општествени прашања. Во 2011-тата година Тан, заедно со режисерот Ендрју Руман го добиваат „оскарот“ за адаптацијата на „Изгубеното нешто“ за најдобар краток анимиран филм.

Неговиот илустрациски медиум и техники постојано се менуваат – понекога се сликарски, понекогаш скулпторски. Меѓу бројните автори кои имаат силно влијание врз неговото творештво се Кацушика Хокусај, Френсис Бејкон, Хиеронимус Бош, Рене Магрит, Сидни Нолан, а во „Изгубеното нешто“ некои влијанија се многу директни и овде Тан прави визуелни референци на познати дела – „Бразил“ на Тери Гилијам, потоа „Жолтата подморница“ на Џорџ Данинг, филмовите на Тим Бартон, Стенли Кјубрик, Ридли Скот, итн.

Неговиот израз и јазик се опишани како „австралиски народен јазик“, кој истовремено е банален и необичен, познат и чуден, локален и универзален, смирувачки и страшен, интимен и далечен. Книгите на Тан се политички, но не се полемични и зборуваат за многу социјални проблеми кај младите. „Многу сакам да илустрирам приказни со идеологија со која не се согласувам, или да илустрирам делови од историјата кои малку ме навредуваат – и тоа го правам без да давам свој суд“, вели Тан. „Се обидувам да ја отстранам мојата работа од тие приврзаности“.

Така, сликовницата „Црвеното дрво“ (2001) е моќна приказна за детската депресија која инспирира музички и театарски продукции, а се користи и како помагало од професионални терапевти.

Графичкиот роман „Пристигнувањето“ (2006), инаку роман без текст, се фокусира на борбата на бегалците  за подобар живот во непозната, конфронтирана околина. Врз основа на истражувањето на островот Елис и масовната европска имиграција во САД, рачно нацртаните рамки од сепија на Тан евоцираат семејни фотоалбуми и нè лоцираат во почетокот на 20 век за кој чувствуваме дека го знаеме. Сепак, одредишната земја е место на фантастични животни, неразбирливо писмо и летечки чамци, каде имигрантите се испорачуваат во капсули виснати од балони. Фантазијата е дезориентирачка, доловувајќи ја текстурата на искуството на мигрантите на начини на кои директниот реализам никогаш не би можел.

Во „Пристигнувањето“ тој се занимава проблематичното прашање за имиграцијата фокусирајќи се на човечките детали. „Тоа е доста интимна книга – ме интересираа проблемите со добивањето нешто за јадење, вработувањето,  добивање автобуски билет, таквите работи“, вели Тан.

Илустрација од „Пристигнувањето“

 „Пристигнувањето“ ја освојува наградата за книга на годината на Книжевните награди на Премиерот на Нов Јужен Велс. Истата книга ја добива и наградата за Книга на годината од Советот за детски книги на Австралија во 2007 година, како  и Наградата за најдобра книга од Премиерот на Западна Австралија во 2006 година.

За неговиот придонес во книжевноста за деца и млади Тан ја доби Меморијалната награда на Астрид Линдгрен во 2011 година од Шведскиот уметнички совет, што е најголемата награда во литературата за деца. Во 2020 година, тој беше награден со британскиот медал Кејт Гринавеј за илустрација за „Приказни од внатрешниот град“.

Извори:

https://www.shauntan.net/

https://www.lovereading4kids.co.uk/author/1840/Shaun-Tan.html

https://www.ft.com/content/b60e8c32-64cb-11e6-a08a-c7ac04ef00aa

https://www.theguardian.com/books/2020/jun/18/shaun-tan-tales-from-the-inner-city-author-illustrator

Напишете коментар