Разговарала: Билјана Црвенковска


Сезен Аксу Ташјурек e писателка и илустраторка на книги за деца. Родена е во Ескишехир, Турција. Дипломирала на Анадолската школа за убави уметности, a потоа и на Думлупинарскиот факултет за убави уметности, на одделот за цртани филмови и анимација.

Таа пишува и илустрира книги за деца од 2013 година. Досега, илустрирала повеќе од 60 книги за деца. Ги напишала и ги илустрирала следниве книги: „Дали чудовиштата доаѓаат ноќе?“ (2017), „Каде е мојот дом?“ (2017) и „Џиновскиот ковчег на Пера“ (2022). Таа постојано работи на нови проекти во нејзиното студио во Истанбул.

Можете ли да ни кажете како започна сè? Како одлучивте да станете илустратор, а потоа и автор на книги за деца?

Благодарение на сестра ми која студираше ликовна уметност, моето детство беше исполнето со мирис на масло на платно, шарени моливи и уметнички изложби. Без воопшто да сфатам, бев воодушевена од магијата на уметноста. Учев ликовна уметност во средно училиште, а подоцна дипломирав на универзитет на отсекот за анимација. Отпрвин, навистина не знаев што сакам да правам; едноставно цртав и се надевав дека еден ден брановите ќе ме однесат до брегот.

Што се однесува до мојата способност за пишување, откривањето на книжевноста беше малку трауматично искуство. Мојата наставничка во основно училиште се сомневаше дека моите состави ги пишува некој од родителите, а не јас, и ме притискаше да ја „кажам вистината“. Ми требаше време да се докажам, но на крајот успеав. Имав два таленти: пишување и цртање. Иако одамна го оставив детството зад себе, секојпат кога ќе влезев во книжарница, се наоѓав себеси како се задржувам во делот со книги за деца. На крајот, ја напишав и илустрирав мојата прва книга, Дали чудовиштата излегуваат ноќе?“ и успеав да стапам во контакт со издавач. Беше објавена побрзо отколку што очекував, и од тој ден, целосно сум потоната во светот на литературата за деца.

Дали е тешко да се создаваат книги и илустрации за деца? На што треба да се внимава кога се работи за децата? Како знаете што би им се допаднало?

Секако дека не е лесно. Мислам дека најтешката работа на светот е да пораснеш без да ја изгубиш детската невиност. Тоа е она што јас и моите колеги го постигнавме: да се справуваме со здодевните проблеми на возрасните, додека истовремено остануваме во шарениот свет на детската литература. Додека ги пишувам и илустрирам моите книги, се трудам да ги следам тековите на детската литература низ светот и да создавам универзални приказни. Иако можеби изгледа дека пишувам за деца, моите книги всушност им се привлечни на сите возрасни групи. Јас едноставно ги преведувам гласовите во мене на јазик кој им зборува на децата. Сè што сакаат децата е добро да си поминат, а јас се трудам да придонесам за тоа.

Можете ли да ни кажете како ви дојде идејата за приказната за книгата „Каде е мојот дом?“ Што ве инспирираше да ја напишете, со оглед на тоа што книгата обработува многу важна тема?

Пред неколку години избувна голем шумски пожар во еден од најубавите региони во мојата земја, претворајќи огромна шума во пепел. Тоа длабоко ме погоди и таа ноќ не можев да заспијам. Па, го направив она што најдобро го знам: пишував. Пишувањето е вториот најдобар начин на кој се изразувам по цртањето. Бев толку емотивна што зборовите само течеа. Отпрвин, не знаев какво животно ќе биде мојот главен лик; во нацртот едноставно го нарекував „X“. Таа година, додека патував во странство, пред мене одеднаш скокна една црвена верверица, се искачи на дрво и долго време се гледавме очи в очи. Таа црвена верверица стана мојот главен лик. Се надевам дека сè уште е добро, бидејќи ѝ должам едно благодарам. Во приказната сакав да истражам како хармоничниот танц меѓу луѓето и природата полека се распадна. Верверицата ја претставува и вечноста и заморот на природата. Среќна сум што мојата книга стигна и до децата во Македонија.

Дали авторите за деца треба да имаат мисија – да зборуваат за важни работи и теми и да пренесуваат важни пораки?

Не верувам дека секоја книга треба да пренесува порака, и никогаш сум немала таква амбиција. Имаме учебници за дидактички лекции, нели? Секако, секоја книга има нешто што сака да каже, но она што е важно е како приказната е осмислена и раскажана. Јас едноставно го пресликувам она што го гледам низ мојот сопствен објектив.

Кои беа вашите омилени книги кога бевте дете? Каков тип на книги најмногу сакавте?

За жал, кога бев дете, детската литература во мојата земја не беше толку развиена како што е сега, а дури и денес не е сосема онаму каде што би сакале да биде. Се надевам дека еден ден ќе го постигнеме тоа. Моите врсници и јас пораснавме главно со локални народни приказни, но серијалот за Мартина (Martine) беше една од првите детски книги со кои се соочив и таа има посебно место во моето срце. Се сеќавам дека ги гледав илустрациите и се обидував да ги прецртам.

Дали во моментов подготвувате нова книга? За што се работи?

Во последните две години повеќе се фокусирав на илустрацијата отколку на пишувањето. Уживам да работам со различни возрасни групи; илустрирав и книги за бебиња и книги за возрасни. Неодамна напишав приказна за „неизвесноста“, но сè уште е во форма на нацрт. Ако успеам да ја развијам и завршам, можеби ќе ја илустрирам следната година.


Напишете коментар