од Владимир Лукаш

„Кога ќе ми текне на чудовиштето Нло од страшното и темно мочуриште Кло, веднаш косичката салто ми прави и замислувам крдо сабјозаби крави.
Поради тоа чудовиште црно, велат, птиците од југ кон север се селат, фоките не жонглираат со шарени топки, Ајнштајн и Њутн не решаваат дропки.
Леле, кога ми излезе од никаде еднаш, ко плашлив зајак му ја здувнав веднаш! Опашот од страв ми се заплетка в чвор - дур јурев парфем истурив врз твор!
Нло има илјадници очи и осум нозе, муцка ко на шарпеј и уши ко на коза. Кога трча е побрзо од торнадо и кос и пред сите си го чепка краставиот нос!
За појадок, велат, девет пустини крка и со лажиче лава од вулкани срка! Дури и морковот - тој зеленчук храбар, нокти од страв си грицка ко дабар!
Еднаш на Баба Рога в сон ѝ слетал и шал од акрепни клетви ѝ сплетол! Дури и дингото - тој чаламџиски пес, се плаши пред Нло да покаже бес!
Кога хиените не се кикотат, се знае: чудовиштето во близина се шлае. Најумно е тогаш дома се си седиш и тивко сложувалка да си редиш.
Но ако никој ништо не преземе, стравот ко демон ќе нè обземе. Ќе му речам: Смешно си ко глиста што глуми дека е авионска писта!
Ќе му речам: Смешно си ко пекинезер што јава розов џуџест малтезер! Ќе му речам сè што ќе ми падне на ум - зад него ќе шеткам и ќе му шепкам Бу!"
- алпаката Галка решително викна и одеднаш зрак сончев бликна. Па што ако е темница, песничка е ова! Види: ноќното небо си игра со болва!
Илустрација: freepik





Напишете коментар