Разговарала: Елена Копртла


Зденко Башиќ (1980, Загреб) е илустратор, автор на сликовници, аниматор, режисер… Ги илустрирал хрватските преводи на „Божикна приказна“ од Дикенс, „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Карол, потоа „Снежана и седумте џуџиња“, „Пинокио“, бајките на Грим и Андерсен, „Франкенштајн“ на Мери Шели, „Приказни од дамнина“ на Ивана Брлиќ Мажураниќ, „Златровото злато“ на Август Шеноа и многу други. Сликовниците каде се потпишува и како автор „Северозападниот ветер: за вилениците и елементарните суштества од северозападниот дел на Медведница па до Самоборските Ридови“  (2011), „Месечевите сенки: за вештерките и приказните во ноќните часови од северозападниот дел на Медведница и Самоборските Ридови“ (2013), „Могути: заборавената приказна за чуварите на туропољските ливади“, како и „Волшебната Истра: скриените тајни на истарските градини“, припаѓаат во врвот на хрватското книжевно творештво. „Северозападниот ветер“ и „Месечевите сенки“ му ја носат наградата „Киклоп“ за најдобри книги за деца и млади во 2012 и 2013 година. Ја добива и престижната награда „Григор Витез“ за илустрација (во 2009 и 2014 година), а впишан е и на листата на IBBY (International Board on Books for Young People Honour List). Дебитантскиот филм „Гуливер“ (2009) добива Гран при на Денови на хрватскиот филм истата година, како и наградата „Октавијан“ за најдобар анимиран филм, а анимирано-играниот „Весла“ (2012) е добитник на златен медал на Светскиот фестивал на непрофесионален филм УНИКА.

Во 2017 го организира првиот „Перунфест“, фестивал на заборавени народни приказни и преданија, а во 2023 година го реализира проектот „Северозапаниот ветер – музеј на заборавени приказни и народни преданија“.

Зденко Башиќ неодамна гостуваше во Скопје, за промоцијата на македонското издание на „Северозападниот ветер“, во превод на Владимир Јанковски и во издание на „Арт конект“.

Примарно сте ликовен уметник и илустратор, но сега и автор на сликовници. Како дојде до тоа, да станете и писател?

Немаше некаков план или намера. Од мал сум опкружен со приказните кои ми ги раскажуваа моите баби, своите први илустрации и кукли ги направив инспириран од тие приказни. Нарацијата отсекогаш го опкружувала мојот уметнички израз и низ анимацијата и филмот, така што запишувањето на тие приказни и моите импресии од детството беше само логичен след со кој ја заокружив својата работа.

Кажете ми нешто повеќе за светот и просторот на Вашите приказни.

Тоа е, пред сè, светот на природата и шумите, светот кој отсекогаш го опкружувал човекот, светот кој го плашел човекот. Бидејќи без оглед на сиот напредок кој го постигнавме како човечки суштества и на кој и понатаму работиме, природата е таа која и понатаму и покрај сè нé потсетува колку сме кревки, смртни и минливи. Со своето настојување не можеме да ја скротиме таа сила која секогаш и одново зборува дека сме само едно од малите тркалца во нејзиниот механизам. Сепак и така неважни во тој свет, природата е таа која одново посегнува кон нас. Во комуникација и интеракција со својата креација, со своите мали суштества кои со своето постоење ги собираат тие информации и мудрости и ги проследуваат кон оние кои сакаат да ги слушаат. Сите тие легенди и митски суштества зборуваат за древното човечко настојување да ја перципира нескротливата природа и да научи да комуницира со неа, се обидува да ја разбере силата врз која не може да влијае. Ако помислите дека тоа е минато, треба само да го прегледате интернетот и да видите колку современи митови и верувања секојдневно се создаваат околу еден мал, за сите невидлив вирус, кој во последните две години го промени лицето на светот. И тоа повторно ни зборува за една работа со која сè уште се сретнуваме, а тоа е дека не ја разбираме природата и не сме научиле со неа да комуницираме или одбиваме да комуницираме. Можеби сите тие Мракови, Мури, Невидинчиќи, Песиглавци зборуваат за тој свет на нашите предци кога тие можеле да комуницираат, перципираат или да ги уважуваат.

Која е Ваша омилена приказна и легенда?

Најдрага приказна ми е „Снежната кралица“ од Андерсен, а легенди има премногу кои сум ги чул и тешко ми е да издвојам. Можеби онаа која ми е најсвежа, која зборува за заробен заспан змеј под Загреб кој се буди на стотина години, а кога ќе се разбуди се случува земјотрес додека се обидува да се ослободи од пештерата во која е заробен.

И Ваши омилени автори и илустратори?

Најдраги автори ми се Луис Карол, Херберт Џорџ Велс и Карл Саган, а кога би требал да издвојам илустратор тогаш би бил Кај Нилсен.

Има разлика кога илустрирате свои и кога илустрирате туѓи приказни? Каков е пристапот кон класиците на литературата?

Кога илустрирам класици тогаш секако е поинаков процес во кој креативно интерпретирам веќе зададени или веќе видени, или претходно прикажани ликови. Од таа страна ми се нуди голема можност за авторско коментирање или цитирање. Кога работам свој проект сепак станува збор за органски пристап во илустрирањето и промислувањето, каде текстот понекогаш произлегува од сликата, а не секогаш сликата од текстот. Тогаш можам да го истражувам и градам светот паралелно низ текстот и низ сликата.

Околу Вашата работа на анимирани филмови и музички спотови и телевизиската адаптација на „Северозападен ветар“.

Филмот и музиката отсекогаш ми биле мотор кој одново ме носи во внатрешните светови. Инспирира и мотивира. Така што работата во тие медиуми секогаш е надоградба на приказните со кои се занимавам. Тоа особено се однесува на „Северозападниот ветер“ чија приказна од мене бара надоградба и истражувања, открива нови светови и нови димензии наспроти тоа заборавено наследство од нашите предци, но и од тој скриен свет во нас самите и природата од која потекнуваме. Во тој контекст, „Северозападниот ветер“ произлезе во „органски трансмедиумски проект“ на кој уште долго би сакал да работам. Книги, документарни филмови, дигитална платформа, па и самиот „Перунфест“ се елементи кои се надградуваат и ја истражуваат основната приказна и навистина се надевам дека еден ден и филмот ќе биде еден од медиумите кој ќе раскажува и, можеби, заокружи тој проект.  

Што со кампањата на Kикстартер и самиот проект на интерактивна сликовница „Северозападниот ветер“?

Интерактивната сликовница ја мислев долго време, бидејќи овозможува интерактивен пристап кон илустрациите, но и самата приказна. Може да се слушнат вилениците или, пак, да покажат од каде доаѓа одредена приказна и на тој начин се воведува читателот како истражувач, ја буди љубопитноста, она на што и самиот се сеќавам дека сме го доживувале како деца слушајќи ги тие приказни. Кога конечно се запознав со програмерите со кои воопшто беше возможно да се влезе во ваков проект Кикстартер ни се чинеше како единствена платформа преку која можеме да стигнеме до средства за да започнеме и на тој начин да ја презентираме приказната надвор од Хрватска. Во секој случај тоа беше експеримент преку кој видовме дека тоа е возможно и остварливо.  

Како дојдовте до идејата за „Перунфест – Фестивал на заборавени приказни“?

Всушност, идејата за „Перунфест“ е многу стара, уште од моите студентски денови кога со колегите бевме ангажирани на Горноградскиот карневал во Загреб. Таму ја отворивме „Вештерската канцеларија“ која функционираше за време на фестивалот. Тоа беше костимиран интерактивен перформанс во сценографски уреден простор каде како горноградски „цопрнице и цопрњаци“ (загрепски цопрници – вештерки или волшебнички) примавме муштерии и им дававме цопрњачки совети на граѓаните. Таа мала студентска продукција беше многу успешна и мало семе за иден голем фестивал. Многу време помина оттогаш, но ми е драго што со некои колеги сè уште соработувам, како Тајана Штасни, костимографска и соработничка која денес е дел од креативниот тим на „Перунфест“. Вториот голем чекор кон „Перунфест“ е блиската соработка со Музејот Туропоље и директорката Маргарета Бишкупиќ Чурла на чиј повик ја конципирав основата за фестивалот по соработката на некои други проекти од кои и двајцата не бевме задоволни. Се одлучивме да направиме чекор во свој правец и да го поставиме на нозе нашиот фестивал кој сега веќе преминува во традиција. Фестивалот на заборавени приказни сега има свое име, карактер и препознатливост, а и публика која го следи и очекува. А верувам и дека има своја иднина. 


„Некогаш ноќта им припаѓала на суштествата на мракот, на јагарите, на кватрите, на мраковите… Некогаш цвеќињата им припаѓале на самовилите. Некогаш луѓето го почитувале она што не го разбираат и не го умеат. А ветерот им раскажувал и на едните и на другите.

Но денес се ретки тие што го слушаат. Луѓето се заглушија со вревата што ја создаваат, а суштествата на ноќта избледеа под уличното осветление. За наша среќа, едно момче сè уште го слуша ветерот што зборува. Ветерот од северозапад му ги носи приказните од Медведница и од Самоборските Ридови.“


Facebook page “Sjeverozapadni vjetar”

Facebook page Zdenko Basic Art

Напишете коментар