Со приближувањето на зимата, кафеавите мечки се подготвуваат за долг зимски сон.

Bruno / Pixabay

Кафеавата мечка е сештојаден цицач од семејството мечки, распространет во северна Евроазија и Северна Америка. Најмногу се среќаваат во Русија, САД (особено Алјаска), Канада и Финска (каде кафеавата мечка е национално животно).

Во Македонија, кафеавите мечки се најзастапени претежно во планинските области од западниот, средниот и јужниот дел на земјата, а повремено се јавуваат и во источните краишта.

Во текот на есента, кафеавата мечка јаде речиси без престан, складирајќи резерви за четирите до седум месеци кога ќе мора да живее од складираните масни резерви. Кафеавата мечка може да изеде дури 40 килограми храна секој ден. Една возрасна мечка тежи помеѓу 100 и 700 килограми.

Alexa / Pixabay

Со доаѓањето на студенилото, здебелената мечка оди во своето легло меѓу карпите или во дупка што самата ја ископала меѓу корењата на дрвјата. Женката кафеава мечка влегува во своето легло бремена со едно (понекогаш две или три) мечиња. Малото, тукушто родено мече, со големина на верверица, е доволно силно за да доползи до положба каде што ќе се намести за доење. Млекото на мајката мечка е многу богато со масти и калории, па мечето брзо расте.

Кога возрасната мечка ќе се разбуди напролет, нејзиното мече е доволно силно да ја следи надвор од леглото. Мечињата живеат со своите мајки до три години, а потоа обично се подготвени сами да се соочат со животот.

Janko Ferlic / Pixabay

Кафеавата мечка најмногу се храни со храна од растително потекло, корења и габи. Рибите им се главен извор на месо, но јадат и помали цицачи. Возрасна кафеава мечка нема сериозна конкуренција од другите грабливци и лесно може да се спротивстави на волци и големи мачки, како на пример пумата.

Подвидови на кафеавата мечка, меѓу другите, се: евроазиската кафеава мечка (Ursus arctos arctos) – која се среќава во Европа и Азија, гризлито (Ursus arctos horribilis) – Канада и САД, хималајската кафеава мечка (Ursus arctos isabellinus) – Непал, Пакистан и северна Индија, гобиската мечка (Ursus arctos gobiensis) – Монголија, кодијакот (Ursus arctos middendorffi) – Алјаска, сибирската кафеава мечка (Ursus arctos collaris) – Сибир и северна Монголија, хокаидската кафеава мечка (Ursus arctos yesoensis) – Јапонија, сириската кафеава мечка (Ursus arctos syriacus) – Среден Исток, хималајската сина мечка (Ursus arctos pruinosus) – западна Кина, камчатската кафеава мечка (Ursus arctos beringianus) – Камчатка, и други.

Eszter Miller / Pixabay

Напишете коментар