од Билјана С. Црвенковска
извадок од „Приказни од Sунливото Море“
Понеделникот на училиште помина ужасно. Толку ужасно што Ален мораше да бега од Давид и другите од неговата екипа низ тесните сокачиња меѓу куќите и зградите за да дојде до дома, а не да оди по вообичаениот пат.
Не само што немаа заборавено дека е „мочко“, туку на тоа додадоа и „coward“ (си постои и македонски збор, страшливец, ама тој не е интересен). Значи – coward.
Зошто? Еве што се случи: На почетокот на првиот час Давид влета во училницата, го виде Ален и се окези. Дотрча до него, му мавна заушка и викна на цел глас: „Опа, тука е мочкото, дошол.“ Ален толку се изнервира од ова што, поцрвенет (Наталија гледаше сѐ, нели) срипа од столчето. Тогаш Давид заканувачки му се внесе в лице и рече: „Што бе, сакаш да се тепаш?“ Ален не сакаше да се тепа. Тој воопшто не сакаше тепачки и насилство. (…И покрај тоа што тато дома го учеше дека мора да се брани. „Ако те тепаат, ќе вратиш, разбра?“ – му рече уште кога стана прваче.)
„Не сакаш, а? Coward, coward! Мочкото е coward!“ се кезеше Давид. А другите по него повторуваа како празноглави папагали: „Coward, coward! Мочко, мочко!“
И така, Ален не излезе на голем одмор, а по часовите истрча прв надвор и скршна низ уличките. Толку му беше мака од сѐ што се случи, што му дојде да заплаче. И заплака. Солзите сами му течеа по лицето.
Тато му велеше дека машките не треба да плачат. Но Ален не можеше да се воздржи, а не се ни согласуваше со тато. Сите имаат право да плачат. Еднаш кога гледаа фудбал и кога „Арсенал“ изгуби, сите фудбалери плачеа. И тато не рече ништо. Дури личеше како и тој да ќе заплаче. Значи, тато немаше право.
И додека солзите му се слеваа низ образите и Ален чувствуваше дека, по сѐ изгледа, дошол крајот на светот, слушна некаков далечен звук. Во првиот миг го потсети на пеењето на Лумалу, но потоа сфати дека се работи за некаков писок.
Од дворот на една полуразурната, напуштена куќарка, на чие место набргу ќе никне голема зграда, излезе мало, сиво, слабичко маченце. Мачето одеше право кон Ален со гласно мјаукање. Кога му се приближи, на Ален му се стори дека мачето му намигнува, но момент потоа се стаписа – мачето немаше едно окце. ОХ, КУТРОТО! – си помисли Ален и веднаш посака да му помогне.
Мачето дојде до Ален, без страв. (Повеќето улични мачиња беа диви и бегаа кога Ален сакаше да ги гали.) Дури почна со шепичките да се јази по неговите фармерки! Се јазеше и гласно мјаукаше, како да сакаше да каже: „Земи ме! Земи ме!“
И Ален го зеде. Не само што го зеде, туку и силно го гушна, а мачето престана да мјаука и веднаш почна да преде.

***
Кога дојде дома, солзите на лицето на Ален беа исушени и тој речиси имаше заборавено на сите лоши работи од првиот дел од денот. Сега мораше да се сконцентрира на битката што требаше да ја извојува со родителите!
– Никако. Мачка, никако! – рече мама.
– Црно маче носи несреќа – промрмори баба.
– Мачето е сиво и не го давам и мене ми носи среќа! – рече Ален со толку решителен глас што дури и тато се зачуди. – Мое е! И не го давам! – повтори уште еднаш, посилно, за да им даде до знаење дека нема да се откаже од намерата.
Ирма многу му помогна. Влезе во собата, се стрча кон мачето со воодушевување и писна: – Маче, леле, маче, мило маче, многу те сакам. Може ли да биде и мое ова маче, Ален, може ли?
Ален кимна со главата, а мама и тато „значајно“ се погледнаа. Се гледаше дека ќе попуштат.
– Ќе го однесеме на ветеринар и ќе видиме – рече мама. – Може е болно. Нема едно око. Сигурно и нешто друго му фали.
Мачето во тој миг, прегладнето, сркаше попара со леб и млеко.
– Ништо не му е на мачето, здраво е – рече Ален. Тогаш се собраа и сите заедно отидоа на ветеринар.
***
– Мачето е сосема здраво. Ќе му дадеме апче за прочистување, ќе го испрскаме против болви и тоа е сѐ. Местото каде што му било окото е одамна зараснато и резот е чист. Купете му песок, сува храна за мали мачиња и дојдете за вакцина наскоро – рече Марија, докторката во ветеринарниот центар. Ален веднаш ја засака. Имаше долга коса како Наталија и убава насмевка.
Мама и тато се гледаа и како уште да се двоумеа. Марија им се насмевна и рече:
– Многу убаво и многу благородно од ваша страна што сте решиле да го удомите ова шеќерче. Ќе ви донесе многу љубов, верувајте ми. Ретко кој се решава да удоми животно на кое нешто му недостига. Луѓето, за жал, се полни со предрасуди.
Е тоа беше пресудно мама да одлучи да го удомат Мрки (Ален смисли дека треба да се вика така). Мама сакаше луѓето да мислат дека е благородна и дека е модерна жена без предрасуди.
– Да, ние отсекогаш сме биле за удомување, а не за купување, но ете, досега не ни се укажала можност – рече мама како да чита текст од некоја реклама на телевизија.
А тато само промрмори: – Мх!
Докторката Марија го погали Ален по косата и му шепна: – Чувај го добро, важи?
А Ален се вцрви и кимна со главата. Го гушна Мрки и си тргнаа накај дома.
Илустрација: Наталија Лукомска





Напишете коментар