од Едвард ван де Вендел и Ануш Елман
извадок од „Мишка“

Беше тоа првата вечер во нашата куќа. Моите тројца постари браќа се надвикуваа еден со друг, а јас гледав во чинијата со храна на масата пред себе и гледав во големиот прозорец и гледав во ѕидовите.
Понекогаш сум малку бавна, си велам, затоа што дури во тој момент ми светна: ќе можеме и да останеме тука; не мораме да се враќаме во нашата земја.
Конечно имавме само наша кујна, и имавме само наши соби, и наш туш, наш тоалет, па дури и наш двор.
Но, нели нешто недостигаше?
Ја исправив виљушката, ја стегнав тупаницата околу неа, почекав некоја секунда додека не се стиши сѐ околу мене, а потоа реков:
„Не е дом тој што нема домашно милениче. Јас така мислам.“
Сите ги свртија погледите кон мене. Моите браќа почнаа да се кикотат – истовремено.
„Баш типично за Роја“, рекоа. „И после сигурно ќе треба ние да се грижиме за него, така?“
„Хм“, рече тато. И си ги измазни мустаќите.
„Всушност, мене ми се чини како добра идеја“, рече мама. „А на какво животно мислиш?“
„Змија“, за’ржа Башир, мојот најстар брат.
„Еже“, рече Хамајун, мојот среден брат.
„Комодо змеј!“ викна Навид, мојот најмал голем брат.
Ама, моја беше идејата, па моја требаше да биде и одлуката.
Реков: „Нешто мало, за галење.“
Реков: „Нешто бело.“
Реков: „Зајак.“

Мишка
Продавницата за миленичиња беше претесна за сите мои браќа. Тројцата едвај ги собра во ходникот меѓу глувците и струготините.
И додека Башир повторуваше: „А змии, има ли змии?“, Навид чукаше по стаклото од аквариумот и покрај тоа што врз него стоеше знак „Забрането допирање“. И тоа ја вознемири девојката зад пултот.
Но, тогаш Хамајун почна да зборува. Продавачката го погледна и одеднаш исчезна намуртеноста од нејзиното лице.
Така беше секогаш со Хамајун и неговиот нежен глас. Ако некогаш требаше некаде нешто да се среди, тато ќе ни речеше: „А сега Хамајун нека биде нашата уста.“
Хамајун објасни за што сме таму, па продавачката рече: „Секако дека имаме зајачиња. Тука, одзади. Дојдете. Внимателно. Еден по еден. Хм… да.“
И се стуткавме сите зад неа, во една тесна соба која мирисаше на топло крзно.
Девојката рече: „Овде, гледате, има неколку зајачи–“
Но, и пред да фрлам поглед, јас веќе го кренав прстот и викнав:
„ОНА!“
Она беше џуџесто зајаче. Само што влеговме, се исправи.
И го крена погледот. Како да си помисли „еј“. И јас си помислив „еј“. И веднаш потоа си помислив и „да, да“ зашто и џуџестото зајаче си помисли „да, да“. Го видов и го слушнав во мојата глава.
А она што, исто така, го слушнав во мојата глава беше и неговото име.
Го зедовме и ми дозволија да го држам в раце. Хамајун плати, а кога излеговме надвор, јас им реков на моите браќа:
„Мишка.“
„Така ќе се вика?“ прашаа тие.
„Да“, реков.
А тие рекоа: „О.“
Илустрации: Анет Шап (Схаап)






Напишете коментар