Лин Скобер (од книгата „За младоста“)


Ме прашуваш дали сум феминистка?

Мене ме прашуваш?

Девојка, 16… која тивко седи со крената рака кога момчињата треба да одговорат на час, а ако наставникот дозволи три девојки да одговорат по ред, момчињата збеснуваат и прашуваат: „Само девојките ли ќе ги прашувате, или?“

Мене ме прашуваш?

Девојка, 16… која знае дека веројатно ќе заработува помалку од момците на нејзиното работно место иако ја работи потполно истата работа.

Мене ме прашуваш?

Девојка, 16… која знае дека за секое право што го има се бореле храбри мајки и сестри и предци (пишувам „предци“ затоа што „предмајки“ или „претки“ не се зборови) кои не можеле да прифатат нивните потомци да бидат третирани како нив.

Мене ме прашуваш?

Девојка, 16… која е најдобра пријателка со Кадра која мора да биде дома до пет часот, додека нејзините браќа остануваат да се дружат во центарот до многу подоцна од десет.

Мене ме прашуваш?

Девојка, 16… која живее со фактот што претседателот на САД вели „Grab them by the pussy“ за жените како мене, а најпосле на никој не му е ни гајле што го кажал тоа.

Мене ме прашуваш?

Девојка, 16… која расте со идејата дека е потребна кампања за општеството да разбере дека девојките не може да бидат злоупотребувани и силувани на работа.

За тоа ме прашуваш?

Наместо тоа, прашај волк.

Прашај волк дали е за лов на волци.

Илустрација: Лиса Аисато

Превод од норвешки: Искра Бадева


Напишете коментар