Весна Мојсова-Чепишевска
Со усвојувањето на македонската азбука (05. 05. 1945) и правопис (07. 06. 1945) се создадоа сите услови за издавање на првиот БУКВАР на тој штотуку кодифициран јазик. Одлуката за објавување на еден ваков БУКВАР е донесена со Решението на Президиумот на АСНОМ од 16. 04. 1945. Неколку месеци подоцна излегува првиот „Буквар со читанка за I одделение“ (96 стр.) како дело на Kомисијата формирана од страна на тогашното Министерство за народна просвета на Македонија, во состав: Димитар Поп Ефтимов, Спасе Чучук, Јонче Јосифовски, Васил Куноски, Јордан Киранџијски и Ѓорѓе Ристиќ, a визуелно осмислена од страна на Василие Поповиќ – Цицо. Во Читанката која е интегрално вклопена во самиот Буквар се поместени покрај народни песни и приказни, и тоа македонски и руски, уште и авторски текстови од перото на Васил Куноски, Ванчо Николески, Лазо Каровски, Славко Јаневски, Јонче Јосифовски. Така што, покрај јубилејот 80 години од македонската азбука, треба да се имаат предвид и 80 години од првиот БУКВАР на македонски стандарден јазик. Од тогаш, од таа 1945, па наредните неколку години излегуваат и првите книги за деца на македонски стандарден јазик.
Но, не смееме да заборавиме, дека 20 години пред овој прв македонски БУКВАР, еден друг е прв, а тоа е волшебниот АБЕЦЕДАР (пишуван/печатен на хрватска латиница), кој е значаен документ за македонска наука за јазикот, но и за македонска книга за деца зашто овој буквар, овој абецедар се затвора со осум мали поучни текстови, вистински бисери. Еве еден од текстовите именуван како „Сколиа“ („Школо“):
„Јас одам со радос на скóлиа. На скóлиа се мóлиме на Госпо. Дáскало не учи да збóрваме, да пеиме, да пѝшиме, да броиме и да ѝграме. Арните деца слагат и дáскало и фали. Дáскало ни кажват многу убаи рáботи. За рýчеко сфриршваме сколиата и со радос óдиме дома.“
Затоа тој АБЕЦЕДАР е голем документ и за македонската историографија. Иако е печатен латинично писмо, бил наменет за децата, за малите Македончиња во Грција. И бидејќи во 1925 година македонскиот јазик сѐ уште не бил кодифициран, овој волшебен АБЕЦЕДАР е напишан на леринско-битолското наречје, на еден говор кој сега, во оваа 2025 година, е распослан на двете страни од македонско-грчката граница.
А дали во животот ни е доволно и распеано, и разиграно, ама и бушаво?
Дали сме чуле за некои „Распеани букви“ (Скопје: 1946) од Славко Јаневски (http://okno.mk/sites/default/files/097-Raspeani-bukvi-Slavno-Janevski.pdf)? Еве како се распејувале тие во далечната 1946, во фрагмент од песната „Кош единици“:
Го прашале еднаш Асен:
– Кој е Питагора?
Тој истресол ко од ракав:
– Цвет изникнат в гора:
И по тоа пак на штица
седна Асен,
Асен красен,
оценет со единица.
А дали сме чуле за игривите стихови „На буква, на буква …“ од Васил Куноски? Секогаш се воодушевувам кога му ги читам сите досетки околу секоја буква одделено, а посебно оние за буквата „Ѕ“ (како буква што ја има само во македонската кирилица) кои гласат вака:
Ѕ
Ѕевгар ѕвони ѕвонливо,
ѕверче ѕивка, ѕемне,
ѕирка, ѕирка ѕвездичка,
ѕверка Ѕверче демне.
Или за буквата „Ќ“ (која, исто така, е посебна):
Ќ
Косе, ќосе, ќораво,
в ќоше што се ќушна,
ќари ќуп и ќупченце,
ќари ќорле, ќушка.

А сме чуле за „Бушава азбука“ од Горан Стефановски (Скопје: 1986)?
Што значи тоа бушава азбука? Како се разбушавуваат самите букви? Нели бушава може да биде само косата? Така, најбушави сме кога стануваме од спиење или ако нечешлани отидеме на училиште. Можеби и Горан се сетил на една ваква бушавост? Или, сепак, не?
Верувам дека кога Горан Стефановски ја создаваше својата „Бушава азбука“ тргнуваше од својата бушавост и во главата и во душата. И така му трчаа разните кратки песнички-енигми што се наречени „играчки“ во „Зборникот“ на браќата Миладиновци, му претрчуваа оние „залагалки“ или „скоропоговорки“ што ги запиша Шапкарев, па и сите оние детски игри што ги опиша Марко Цепенков.
Горановите бушави букви ни ја дадоа бушавата азбука која создаде на еден свој начин бушав буквар. Волшебен, магичен во кој секоја буква е објаснета, напишана, нацртана, секоја буква е доведена во игра со другите букви. И така овие бушави букви ги испишаа личните машки и женски имиња, ги опишаа професиите, ни ги открија и познатите и помалку познатите, па и непознатите и животните, и растенијата, и јадења. И, скоро незабележително, Горан Стефановски ја направи секоја буква магична играчка, а Душан Петричиќ уште помагична ја исцрта со што ја доразигра. Самиот збор „играчки“ постои и денес, вели Јадранка Владова во својата книга „Литература за деца“ (Скопје: 2001), но ние ова име „го користиме за да означиме предмети од различни материјали, предмети кои се направени рачно (па, затоа, содржат повеќе љубов), или, пак, се направени „машински“ во фабриките (најчесто од метал, од гума и од пластика) за да им го разубават детството на децата, за да си играат со нив и поубаво да влегуваат во светот на возрасните“. А играчките во секоја куќа, во секој дом, за секое дете се еднакво важно богатство за самото детство. Но, најсуптилните и најфантастичните играчки се создадени со помош на човечкиот дух и духовитост, само од/со зборови. Така и „Бушава азбука“ нѐ насочува кон детските говорни игри и тоа онолку колку што има букви во македонската кирилица. Секоја буква – своја приказна. Секоја буква – своја илустрација.
Јас имам неколку такви – омилени. На пример, А – заради ајварот, Б – заради бурекот, Д – заради дроб-сармата, а И – заради имам бајалди и П – заради пинџурот. Каков ајвар правеше баба ми! Каков бурек месеше дедо ми! А само да знаете како мајка ми ги прави и дроб-сарамата и имам бајалди! Татко ми, пак, е мајстор за пинџурот!
Од буквите што ме водат кон животните и растенијата ја обожавам Џ. И тоа заради некое си таму џуџесто глувче (кое не знам како навистина изгледа и дали воопшто постои) и заради некое џунџуле (кое не знам како мириса), ама секогаш кога ќе ги изговорам, веднаш како да влетувам во некоја досега нераскажана приказна која како џокеј го јавнува атот (коњот) нацртан од Душан Петричиќ.
А од буквите кои ги опишуваат професиите секогаш најмногу ме смеат, ме радуваат оние кои се блиски на мојата професија – универзитетски професор (по современа македонска книжевност и по книжевност за деца). Па такви се:
Б и оној библиотекар кој вели: ДАВАМ КНИГИ, ТЕНКИ И ДЕБЕЛИ, / ЗА ДЕЛНИЦИ И ЗА ВО НЕДЕЛИ.“;
Ј и оној јазичар кој мудрува: „КОЛКУ ЗНАЕШ СО ЈАЗИКОТ / ТОЛКУ МОЖЕШ СО МОЗОКОТ.“;
К и книжевникот кој кажува: „ПИШУВАМ ДРАМИ, РОМАНИ И ПЕСНИ / НА ТЕМИ РАЗНИ, НЕЗГОДНИ И ЛЕСНИ.“
У и учителот кој секојдневно по(д)учува: „СЕТО ШТО ГО ЗНАМ / ВИ ГО ДАВАМ ВАМ.“
Има во оваа Горанова „Бушава азбука“ и доволно зборови за кои порано сум барала толкувања, мислења од постарите за да ми кажат што значат. Денес и вие можете да ги прашате постарите од вас, но можете да ги прашате и наставниците, а може да ме прашате и мене. Ама можете да го прашате и компјутерот. Така сигурно не знаете што е на буквата А – арслан кој е скоро исто храбар како и авијатичарот што го нацрта Душан Петричиќ, или на буквата Г – гурабии. Јас многу сакам да го употребувам овој збор кога сакам некому да му ставам на знаење дека зборува премногу (неумесно, несоодветно), па му велам: „Ајде доста јадеш гурабии!“. Иако, вака кажано воопшто не звучи дека гурабии се нешто слатко, а слатко е… Или на буквата Ѕ – некоја ѕинѕирида слива која ми изгледа како самиот Горан да си ја измислил, ила пак на буквата М – мушмула. Ама скоро сум сигурна, 100 % сум сигурна, дека нема дете во Македонија што не ја сака буквата М. Зашто нема дете во оваа наша земја што не си ја сака својата Македонија (иако таа нѐ води и до сите наши мами/мајки).
Затоа, знам дека секој еден од вас (и мал и голем, и дете и возрасен) ќе си најде своја омилена буква. Потребно е, а и игриво е, да видите каква бушавост прави таа ваша омилена буква во „Бушава азбука“ на Горан Стефановски и како ликовно ја доразбушавил Душан Петричиќ.
А, можеби некој од вас и ќе се дрзне и ќе смисли, напише, состави, некоја нова бушава или некаква поинаква азбука.





Напишете коментар