(Кон книгата „Мишка“ од Едвард ван де Вендел и Ануш Елман; превод од холандски: Ели Пујовска; Скопје: Чудна шума, 2024)
Пишува: Ана Јовковска

Се викам Роја и имам девет години. Родена сум во Авганистан. Си имавме ние и таму една ваква куќа во главниот град, со ружи во дворот и гулаби на покривот, но… веќе и не се сеќавам многу на неа.
Роја има девет години. Имам и јас дете што во скоро време ќе има девет години. Се вика Алекс. Не можам да го замислам како страда. Не можам да замислам како бос со раскрвавени ножиња го минува светот во бегство. Не можам да замислам да гладува. Не можам да замислам како со куферче в рака бега од својот дом. Како со солзи во очињата се моли за помирно детство. Проклет да е овој свет во кој во 2025 година деца сè уште умираат од глад. Проклет да е овој свет што е нем сведок на насилство, крвопролевања и војни.
Можеби ова е многу интензивен почеток за текст за книга за деца и млади, но литературата ни ги гребе раните што сакаме да ги премолчиме и да ги скриеме. Книгата Мишка ја читав спокојно под Оревот во Љубојно, додека ги избегнував вознемирувачките вести за Газа, Палестина, Украина, Русија… Човек не може постојано да се контаминира. Сепак, неизбежно е да нè боцка актуелната состојба во светот, дури и кога сакаме да избегаме и да се осамиме во светот на литературата. Добрата книжевност (за деца) е токму тоа – живин столб на радостите и на болките.
Мишка (Чудна шума, 2024) од Едвард ван де Вендел и Ануш Елман со илустрации од Анет Шап, во превод од холандски јазик на Ели Пујовска, раскажува приказна за малечката Роја и нејзиното зајаче Мишка. Кога не може да спие и кога ја мачат тешки мисли деветгодишното девојче му зборува на Мишка, единствениот џуџест зајак на светот кој не јаде моркови. Мишка е мекото крзно, безбедното место, верниот слушател и пријател. Тој ја слуша Роја како му раскажува за нејзиното украдено детство, за патешествието, кое, всушност, е бегство од војната во Авганистан. Тргнала на пат кога имала три години. Нејзниот татко бил учител на девојчиња, што во едно конзервативно и патријархално општество како нејзиното не е дозволено. „Имаше и слободни мисли – но ниту тие не беа дозволени! Не знам точно што се тоа слободни мисли, но мислам дека и мама мисли слично како тато, што би значело дека и мама има слободни мисли. А да се има нешто такво таму е опасно, бидејќи власта не го дозволува тоа“. Опасноста татко ѝ да биде ставен во затвор, а потоа, кога ќе пораснат и нејзините браќа Башир, Хамајун и Навид, како и стравот од репресијата на религискиот фанатизам го принудува ова авганистанско семејство да бега од својот дом. Со авион, со воз, со комбе. Но, пред сè: пеш. „Кога тргнавме од Авганистан за Холандија, прво патувавме со автомобил, а потоа со авион. Тоа беше полесниот дел. Тогаш се чинеше како да одевме на одмор, но тоа не беше никаков одмор затоа што оставивме сè зад себе: нашата куќа, нашите играчки, нашето училиште и нашите другарчиња. Некое време останавме во Иран, па кратко престојувавме и во Казахстан, но натаму не сум најсигурна за маршрутата. Каква и да беше, знам дека со недели одевме низ полиња и шуми. И дека спиевме во стари валкани куќи. За да ни помине времето, мама секогаш измислуваше некои луди приказни за чоколади. Или за слатки бадеми“. Најпосле, шверцувани од други луѓе, успеваат да стигнат во Холандија, како беглаци кои пет години живеат во Центар за баратели на азил. Оваа судбина ја делат многу деца низ светот. Имено, до пред некое време стануваше збор за 70 милиони присилно раселени лица низ светот, раселени не по своја волја, ниту по своја вина, а присилени да ги напуштат сопствените домови за да се спасат. Од нив, речиси 26 милиони беа бегалци. Од тие, половина се деца. Оваа бројка е двојно повисока од онаа пред 20 години. Еве, да не зборуваме со бројки, иако зад овие голи бројки се кријат човечки судбини. Да пробаме низ лична емоција… Затвори ги очите и замисли го целиот твој живот спакуван во еден куфер. Како се чувствуваш? Сега отвори ги очите и види ја картата на светот. Голем е и убав и има место за сите, нели? Но, 67 % од сите бегалци во светот доаѓаат од само пет земји. – Што ни кажува тоа? – Јасно кажува дека се работи за сиромашни земји во коишто со години царуваат војни и конфликти. Тоа се луѓе за кои мирот е интервал помеѓу две пукања. Замисли како е да се живее 40 години во војна, што би значело целиот твојот живот. Немаш пристап до образование, немаш работа, немаш иднина. Некои деца се раѓаат во војна и никогаш не го виделе небото слободно. И ако секој втор бегалец во светот е дете, тоа се милиони деца! Милиони украдени и заробени насмевки, милиони кукли и кадифени мечиња оставени на подот во напуштените домови, милиони очи полни со солзи… Поткрепено со уште една статистика: Во 2018 година 111.000 деца биле сами без своите родители. Само Уганда, на пример, пријавила 2.800 деца-бегалци на возраст до пет години (некои дури и помали) сами или раздвоени од нивните семејства.
Романот за деца Мишка, всушност, се темели на вистински настани од животот на Ануш Елман и неговото семејство. Во него Роја му раскажува на својот џуџест зајак дека менувала пет училишта, пет наставнички, принудена постојано да живее на различно место. „Секогаш кога ќе требаше да кажам некаде збогум, мама печеше лиснати полжавчиња, и тогаш обично ми дозволуваа да поминам низ сите училници и да ги послужам сите ученици. Никогаш не ми доаѓаше да плачам затоа што јас воопшто и не го сакам плачењето“. Сè до оној момент кога раскажувајќи за својата животна приказна пред децата во училиштето, Роја ќе прсне во незапирлив плач. Кулминацијата се случува кога зајачето Мишка ќе побегне. Сакал да разбере како е да се биде во бегство и како е да не се знае што да се прави понатаму. И сакал да разбере како е кога по долго време, конечно – конечно! – ќе си го најдеш својот дом…
Прекрасна, трогателна и топла приказна за болките на детското срце. Приказна која ми удри шлаканица освестувајќи ме колку сум среќна што имам мирен живот, дом, семејство, спокојство и слобода. Конечно, во романот за деца Мишка се вткаени многубројни вистински човечки судбини. Потресна книга како сведоштво за триумфот на човековиот дух.
Топло ја препорачувам оваа емотивна приказна за процутувањето и покрај внатрешната темнина. За Мишка, џуџестиот зајак како единственото безбедното место на светот.
Книгата е добитник на најпрестижната холандска награда „Златно перо“ во 2023 година, а нејзините преводи се номинирани за уште неколку видни награди во Италија и во Германија. Благодарам Чудна шума за можноста да читаме квалитетна книжевност за деца!
Прочитајте извадок од книгата.

Илустрации: Анет Шап (Схаап)






Напишете коментар