(Кон книгата „За младоста“ од Лин Скобер, илустрации на Лиса Аисато и превод од норвешки на Искра Бадева; Скопје: Чудна шума, 2024)
Пишува: Ана Јовковска
Мама вели дека личам на Петар Пан. Петар Пан е бајка. Ова е реалност. А во реалноста не постојат Ѕвончица, прав за летање, забавни деца или магични шуми. Имам петнаесет години во кожата, коските, очите, нозете и рацете, но не и срцето. Срцето веројатно има околу седум и пол. Таму веројатно сме исти. Петар Пан и јас.

Не е лесно да минуваш низ период на пресврт, промени, духовно реновирање… Така најчесто се чувствуваме пред прагот на младоста. Кога детето станува адолесцент. Некои млади мислат дека адолесценцијата е исполнета со љубопитност, акција, љубов, хумор, возбуда, пријатели… некои, пак, овој период го опишуваат со осаменост, вознемиреност, ранливост, страв, тага и несфатеност. Сите поминуваат низ трансформации за кои треба гласно да се зборува. Менталното здравје кај младите е клучна тема во секое општество. „Како некој да ти го заменил мебелот во собата без твое знаење, без твое барање. Одеднаш сè е непознато, сосема поинакво. Што се случи овде? Моите играчки, моите чувства, мојата сигурност, познатите мириси. Каде отиде сето тоа? Дали е ова мое? Каде се моите кадифени мечиња? Кога се заинтересирав за кул звучници? За менструација? Кој(а) сум јас?“ Ова се само некои од прашањата што го окупираат мозокот на протагонистите во книгата „За младоста“ (Чудна шума, 2024) од норвешката глумица, комичарка и писателка, Лин Скобер, илустрирана од наградуваната уметница и писателка, Лиса Аисато, во превод од норвешки јазик на Искра Бадева. Во книгата ќе сретнете мајка која и самата расте низ фазите на адолесценција на својата ќерка. Татко којашто собира храброст и ментална сила да се справи со предизвиците на детството. Дете кое станува неподнослив тинејџер, а сè уште сака да е Петар Пан. Девојчиња кои почнуваат да се шминкаат. Момчиња што се вљубуваат. Осамени деца. Бунтовници без причина. Жртви на врсничко насилство. Среќни тинејџерки. Депресивни адолесценти… Тука се и нивните родители низ перспективата на младиот човек. Мајка која останува сама да се бори со своите две деца. Татко кој се обидува да ја прифати различната сексуална ориентација на својот син. Момче кое се учи да живее без татко си. Девојче искомплексирано заради својата телесна тежина… („Нина не знаеше дека е волшебна. Нина мисли дека е дебела“). И болка. Болката е лик во еден од расказите во оваа фантастична книга, напишана низ менталната диоптрија на младиот човек. Илустрациите на Лиса Аисато се неверојатно убави и се во функција на секоја емоција од наративната низа. Тие го омекнуваат текстот и ја продлабочуваат приказната. А самата приказна е чиста, искрена и дрска.

„Тато вели дека болеста ја одвела мама. Како да има име, како да живее некаде, како да е гостин. Со мустаќи. Или шапка. Го одзеде пријатниот мирис на бања што се провлекуваше низ целиот стан доколку некој од нас се капеше. Ја тргна смеата од ѕидовите и силно го повлече тепихот од под нозете на тато, па тој падна наназад и липаше како мало дете и веќе не беше тато. Болеста беше пеколно дрска. Влегуваше во туѓи куќи и се валкаше наоколу како црв во зелка и нè глодаше и растеше. Сè додека наполно не ја изеде мама. Ти благодарам за целото време што го добивме. Госпоѓата Болест е проклета пичка“. Покрај вистинското отсуство на мајката во расказот „Болка“, во расказот „Носи ме“ се зборува за метафизичкото отсуство. За отуѓувањето и растењето. Па, така, девојчето му се обраќа на татко си, со надеж дека барем за миг ќе ја врати загубената блискост меѓу нив. „Тато. Можеш ли да ме носиш. Блиску до тебе. Вака. Како што правеше порано. Во јорганот од софата, па во собата без да се разбудам, без да паднам и потоа тивко да ме легнеш во креветот. Тато. Можеш ли да ме држиш малку. Во твоите раце. Вака. Како што правеше порано кога бев помала и лесна за кревање, лесна за ракување, лесна за сакање. Мојот образ на твојот образ и ноќта сепак не е опасна. Носи ме вака за да заборавиме и двајцата дека сум на пат да станам не(под)нослива“. Интересна е свесноста на дел од ликовите за својата промена и за бремето што го носат во нивните семејства. Во „Раѓање на адолесцентот“ сјајно е опишан процесот на трансформација од дете во адолесцент, и тоа не само преку физичките односно телесните промени, туку и емоционалните односно психичките. „Мириса на шунка и бензин и на змија отровница и на отпадоци од храна и на мочурлива вода и мокро куче и сува земја и старо овошје и онаква влажна облека што предолго стоела, и тоа само под пазувите. Јас сум тежок карактер, не се задоволувам лесно. Гласен сум кога сакаш да биде тивко, а тивок кога сакаш комуникација. Непредвидлив сум, непривлечен и уморен. Имам мрсна коса, млитаво се ракувам, превртувам со очите и целото мое битие е преплавено со презир, лутина, фрустрација и прашања. Во моментов во мене се раѓа адолесцентот“. Покрај комплексните аспекти на растењето, во книгата се опишани и убавините, малите мигови радост, тинејџерската возбуда, првата љубов, будењето на сексуалноста, љубопитството на највисока температура и пркосот на надежта.

Книгата опфаќа и феминистичка свесност во младоста. Тука е девојката која има шеснаесет години и која знае дека веројатно ќе заработува помалку од момците на нејзиното работно место, иако ќе ја работи потполно истата работа. Девојката која знае дека за секое право што го има се бореле храбри мајки и сестри и предци (пишувам „предци“ затоа што „предмајки“ или „претки“ не се зборови) кои не можеле да прифатат нивните потомци да бидат третирани како нив. Која живее со фактот дека претседателот на САД вели „Grab them by the pussy“ за жените како неа. Која расте со идејата дека е потребна кампања за општеството да разбере дека девојките не може да бидат злоупотребувани и силувани. Во друг расказ се зборува за телесноста и прифаќањето на себе си, односно за женското тело и несовршеноста како концепт што треба да се прифати, наспроти диктатот на родовите норми и притисокот на перфекционизмот. „Не сум слатка кога се насмевнувам. Немам менструација, немам цицки, немам стил. Некои четириесетгодишни жени еднаш ми кажаа дека дури сега почнале да се сакаат себе си. Не сум толку глупава. Јас одлучив. Сега почнувам. Кој ќе ја сака оваа девојка ако не ја сакам јас?“ Би можеле дури и да речеме дека некои од расказите содржат печат од квир литературата. Во расказот „Што посакувам за конфирмацијата“ едно момче остро му се спротивставува на својот чичко, а преку него, всушност, се обраќа на целото општество и патријархатот. „Би сакал да не ја прекинуваш тета кога зборува, или да ја навредуваш пред сите во семејството. Да не ѝ се смееш на мама што го сортира ѓубрето. Да не ме удираш толку силно по рамо кога ќе ме сретнеш и да не ме прашуваш дали сум си нашол девојка во последно време или можеби сум малечок геј. Да не се смееш до смрт со твоето рапаво, лудо смеење кога сум напишал есеј за животната средина и одржливиот развој. Да не ме малтретираш затоа што немам брада. Да не пцуеш и врескаш дека сите бегалци се терористи, без да си запознал ниту еден единствен и не ги познаваш Селда и Рами кои се трудат повеќе од сите нас во класот. Да не го уништуваш расположението кога семејството е заедно со тоа што ги навредуваш сите и ги нарекуваш неуки и наивни затоа што не мислат исто како тебе. Ти и тета да се разведете. Пари, можеби, за да можам да го одведам дечко ми на вечера. Андреас е голем љубител на индиска храна“. Живеењето со вистината е една од најголемите битки на младиот човек. Друга во низата битки е булингот или врсничкото насилство коешто е пресликано во приказната за Ричард, кој изгледа многу силен и голем, има крупна градба, но всушност е како мало и плашливо момче. Особено кога стои со наведната глава. Како големо бебе. Како големо, разочарано бебе. Ричард е несреќен и тажен. Можеби е тоа разочарување на кое бил изложен од рана возраст бидејќи таткото на Ричард, всушност, бил чуден тип (ја изневерил сопругата и ги оставил и неа и Ричард и неговиот брат). Иако таткото речиси секој ден ги тепал мајката и своите два сина, во станот како да настанал некаков вакуум кога тој си заминал. Дупка во куќата. Дупка во животот. Дупка во Ричард. Таткото никогаш не се вратил без разлика колку Ричард плачел по него, а мајка му се опивала. И секогаш кога мајката вика по малиот Ричард, или кога го шепоти неговото име, има тага во нејзиниот глас, копнеж по човекот што избегал. Нејзината болка се проектира врз детето, па, така Ричард расте со загуба, тага и со чувство дека е напуштен. Со својата тага оди низ градинката, училиштето, училишниот двор… Она што дава надеж е што некои од децата се свесни за негативното влијание на насилникот или булито. „Па, еве сме. Бандата што лебди наоколу и живее за другите да се плашат од нас, само за нашиот лидер што повеќе да личи на татко му и да не му недостига толку многу. Плашиме мали девојчиња, правиме лошо, ги корнеме нозете на мравките, крадеме, лажеме, возиме велосипед и викаме“. Во книгата се провлекува и темата за социјалната неправда односно за економската нееднаквост меѓу децата. Иако наставничките се обидуваат да ги испеглаат класните разлики меѓу децата во училиштето, сепак на една екскурзија со скијање тие стануваат толку видливи. Некои од децата имаат скапа скијачка опрема, а други се чувствуваат засрамено и сиромашно. Но другарството и солидарноста победуваат над злото на сиромаштијата. Хајди има опрема за сноубординг од 10 700 круни, но таа решава да се санка со својот другар со пластична ќеса околу газот. „Дали сега сфаќаш колку љубов има во скапата опрема за сноуборд? Дали разбираш?“, прашува ученикот. Допрени се и темите за клаустрофобијата на духот и расизмот. Сосетката од третиот кат не успева да ги скрие своите предрасуди и расистички ставови, па тоа се открива и низ една банална сцена со велосипед. Детето кое се срами од своето потекло, во еден момент помислува „ако мама научи да си биде своја на норвешки јазик, можеби ќе се осмели да им пријде на жените на оние клупи, а потоа тие сами ќе слушнат колку е кул“. Всушност, во книгата се опфатени сите важни теми, па не изостанува ни семејното насилство односно родово базираното насилство. Во расказот „Соништата што ги сонуваме“ синотси заминува од пеколниот дом со следниве зборови: „Среќен роденден, мамо. Дојдов да ти го дадам најдобриот роденденски подарок што можеш да го добиеш. Никогаш нема да се вратам. Последен пат сум во оваа куќа. Заминувам, сега. Не знам каде. Во секој случај на место каде што мојот очув нема да може да ме најде. Можеш да живееш со него колку сакаш, колку што можеш. Сè додека твојата совест не може да издржи повеќе, или додека тој не те удри доволно силно за и ти веќе да не можеш да издржиш. Среќно во животот, со лустерите, белите чаршафи и површните пријатели. Јави ми се кога ќе се разведеш“. Родово базираното конкретно семејното насилство е едно до најмалигните ткива на општеството.

Конечно, една од најтешките теми во книгата „За младоста“ е соочувањето со загубата и смртта што кулминира во расказот „За тато, ‘рчко и смртта“. „Поминаа само три месеци од смртта на тато, а сега стоевме овде, тројцата. Бескорисни. Заборавивме дека го нема. Заборавивме дека е мртов. Купивме премногу и беше премногу тешко, и заборавивме дека веќе ги немаме неговите силни раце, а тие на мама наеднаш не функционираа. И меѓу нас летаа десет илјади неми прашања: Што правиме сега? Го можеме ли ова? Колку најмногу солзи може да исплаче еден човек? Зошто не полагаш за возачка, мамо? Зошто не се осмелуваш да возиш?“ Кога го прочитав ова прснав во плач. И јас не возам кола. И, сега, додека го пишувам овој осврт повторно ми навираат солзи во очите. Не ми доаѓа да ставам капаче по оваа толку едноставна, а толку силна реплика – Зошто не полагаш за возачка, мамо? – во која се содржи крик за помош и за надеж.
Среќни сме што оваа прекрасна норвешка книга е преведена на македонски јазик и може да се најде во книжарницата „Чудна шума“. „За младоста“ прави одлична анализа на врсничките проблеми, предизвиците на родителството, трансформациите и модерното општество во кое недостигаат топлина и сигурност. Текстов ќе го завршам со цитат од истата: „Норвешка е бела памучна кошула, со гомненици и излеана нафта и крв на неа“. Цел свет е таков моментално. Младите ни се единствената надеж!
П.С. „За младоста“ е првото книжевно дело на Лин Скобер, а по него следуваат „За зрелата доба“ и „За староста“. Многу би сакала издавачката куќа „Чудна шума“ да ги обезбеди авторските права и за овие две книги.


Младоста е возбудлива, убава и забавна, но понекогаш знае да биде тешка и променлива. Таа е период во животот кога се случуваат сериозни промени. Се наоѓате на преминот меѓу детството и зрелата доба. Заедно со другите, а сепак сами. Родителите стојат на страна и не сфаќаат ништо, колку и да се трудат да разберат.
Познатата норвешка писателка Лин Скобер разговарала и се дружела со младите луѓе и ги запишувала нивните размислувања за животот, созревањето, чувствата, копнежите. Собраните материјали ги преточила во мали текстови за големи теми – од перспектива на младите. Нивните приказни се читливи и забавни, но истовремено изненадуваат бидејќи младите раскажувачи зрело и храбро се соочуваат со семејните и врсничките проблеми, обидувајќи се да преживеат во модерното општество во кое недостигаат топлината и сигурноста.
Книгата, со нејзиниот особен печат, ја илустрираше наградуваната норвешка илустраторка Лиса Аисато.
Прочитајте извадок од книгата.
Илустрации: Лиса Аисато





Напишете коментар