(Кон книгата „Да се биде јас“ од Ана Хоглунд и превод од шведски на Родна Русковска)
Пишува: Ана Голејшка Џикова
Книга во која сѐ е на ачик. За оние што не знаат што „ачик“ еве мало објаснување: книга во која сѐ што еден неоформен тинејџер поминува, е ставено јасно и гласно во преден план. Од тајните на сопственото тело, до тајните помеѓу две шепкања меѓу часови во училиште. Кога почнав да ја читам, ме фати непријатност и истовремено љубопитност. Си реков – колку ќе беше прекрасно да можев да прочитам вакво нешто кога бев осмооделенка. Некои нешта навистина ќе станеа појасни. Ќе знаев дека не сум сама. Дека сите тинејџерки сме повеќе или помалку како Роса, главниот лик во „Да се биде јас“, во издание на Чудна шума.

Ана Хоглунд, шведската авторка на ова откачено и бизарно, но во секој случај вредно четиво, ни ја претставува длабоката, истовремено смешна развојна приказна на Роса, 13 годишно девојче. Преку погледот на Роса, ние „возрасните“ добиваме одлична перспектива како е да се биде тинејџер во овој свет, опседнат од телесноста, телефоните, социјалните мрежи. Темата на срамот и немањето самодоверба се толку убаво и нелагодно прикажани што ми се плачеше кога ќе се сетам како јас ги доживував сите тие состојби кои Роса ги раскажува. Особено за разговорите во себеси за симпатиите кон Виле и првите сознанија дека „нешто во нас се менува“. А илустрациите се гратис кон нелагодноста и естетиката на гротескното, а привлечното. Развлечени лица, големи глави, придушени бои. Како и вистинскиот живот на сите тинејџери што не знаат кај тераат. Оваа книга е супер почеток за фаќање насока. Сѐ е во ред со вас, деца. Растете. Носовите ви се искривуваат. Девојките, добиваат менструација. Се плашат од крвта дека ќе истече низ цело Скопје. Не. Нема да искрварите до смрт. Само ќе ви биде непријатно првите неколку пати. Еве, и јас да ви кажам – до ден денес ми е гадна традицијата дека кога девојчето ќе добие прв мензис, треба да се купи нешто благо. Треба да истражам зошто е тоа така. Сигурно има врска со некаков ритуал „да ни биде благ преминот од девојче кон жена“. Може треба да ја прашам мајка ми, 23 години подоцна. А јас знам дека со Надја (ќерка ми) ќе зборувам многу на темата.
Книгата зборува многу јасно и отворено околу сфаќањето за себеси, телотo, односите со другите девојчиња и конфузијата кога не можеме да разбереме зошто сѐ се менува. И го оцртува јасно феминизмот низ нишките хумор и сарказам. Преводот на Родна Русковска апсолутно го „пофаќа“ дрдорливиот и тинејџерски говор, доловен и во деловите кај што Роса црта стрипчиња и на комичен начин ја отелотворува својата наивна, но толку потребна феминистичка бунтовност. О колку ми треба ваква книга за сега, ама со овој тон. А изгледа во вистинско време ја добив, како првата менструација. Ме соочи со моите внатрешни слоеви, на девојчето во мене што се срамеше кога му пркнаа градите и кога првите меки мустачиња ги депилиравме заедно со мајка ми. Фала мамо.
Сакам да им ја прочитам (и препорачам) оваа книга на сите збунети девојчиња. Вистината е во неа – комуницира на едноставно ниво. Предизвикот пред нас, возрасните е следниот: разговарајте со вашите деца, зборувајте за нивните внатрешни и надворешни промени, дајте им ја книгата. „Да се биде јас“ е прирачник, помош во розови панделки, сатенска постелнина на која тинејџерките треба да заспијат безбедно. Макар и ja извалкале со менструална крв. Сѐ е во ред. Растете.
Илустрации: Ана Хоглунд






Напишете коментар