(Кон „Денови на Блуграс-љубов“ од Едвард ван де Вендел, превод: Ели Пујовска)
Пишува: Елена Копртла
Патувањето, преминувањето на секоја граница е особен тополошки настан и одреден вид метаморфоза или ново раѓање. Во road movie жанрот, патувањето е метафоричката артикулација на промените во животот. Токму со реплика од еден неконвенционален road-movie – „Мојот личен Ајдахо“ на Гас ван Сант, Едвард ван де Вендел го започнува својот роман „Денови на Блуграс-љубов“.
„Мојот личен Ајдахо“ е медитативна студија за двајца млади мажи, проститутки – Мајк Вотерс (Ривер Феникс) и Скот Фејвор (Кијану Ривс) кои патуваат од Портланд низ Ајдахо сè до Рим, Италија, во потрага по мајката на Мајк, навигирајќи низ светот на зависници, макроа, крадци и шверцери. Тематски револуционерен, „Мојот приватен Ајдахо“ е длабоко трогателен поглед на невозвратената љубов и животот на маргините на општеството. Филмот е едно од остварувањата на Новиот квир филм (New Queer Cinema) во независната филмска продукција во деведесеттите години на минатиот век.
За разлика од филмот на Ван Сант, „Денови на Блуграс-љубов“ е љубовна приказна помеѓу двајца адолесценти која не завршува трагично, но и не е политички мотивиран како „Мојот личен Ајдахо“.
Во летото 1999, Тихо Зелинг од Холандија сè уште не знае што би правел понатаму во животот и дали би продолжил на универзитет. Сака да патува, па решава да се пријави за помлад асистент во кампот за деца „Мал свет“ во Ноксвил, Тенеси. Во исто време, Оливер Хјелсберг од Норвешка добива писмо дека е примен на истата позиција во кампот. Првата средба меѓу двете момчиња се случува во тоалетот на аеродромот „Схипхол“ и оттука, нивното пријателство подоцна се развива во интензивна љубовна врска. Романот на Де Вендел се базира на настани без да биде (авто)биографија и наратор со кој се идентификува читателот, давајќи му на тој читател можност да размислува за сопствените идентитетски граници.
Насловот е одбран од музичкиот жанр блуграс, што во својата дефиниција е поджанр на кантри и вестерн стилот кој се разликува од постарата музика од стринг-бендови по својот неурамнотежен ритам, цврсти хармонии и силно влијание на џез и блуз. Се одликува со жестина и страст, онаква страст која ја чувствува Тихо една вечер по слушањето на блуграс-бендот на Марк Мекинли.
Така, првиот дел од приказната сместена во САД зборува за тоа како нивната врска ја перцепираат луѓето околу нив, искушенијата, но и последиците од таа страствена љубов. Двајцата мораат да заминат од кампот, при што решаваат да одат во домот на Оливер во Јевик, Норвешка. Но, Оливер се менува, а Тихо почнува да го преиспитува својот однос со Оливер. Оваа младешка љубов едноставно не е предодредена да трае и Тихо заминува дома во Холандија.
Конструиран на филмски жанрови како road movie и coming-of-age драма, во „Денови на Блуграс-љубов“ градењето на интимните односи помеѓу Тихо и Оливер е вежба по картографија. Луѓето кои вообичаено се одвоени поради социјална и просторна дистанца можат случајно да се сретнат; може да се појави каков било контраст и најразличните судбини можат да се судрат и да се испреплетат една со друга. Не само што физички ги преминуваат границите од Европа во САД и подоцна назад во Европа, туку ги преминуваат границите, функциите и значењето во личните односи.

Нежна, интензивна и незаборавна приказна за првата љубов. Тихо Зелинг живее обичен живот, без грижи и тешкотии, без возбуди и авантури. Сѐ во него − школото, другарите, девојките, плановите за иднината − едноставно… се случува. Како филм кој го пушта да тече, но не го режира. Затоа и решава да промени нешто. Лета за Америка за да го помине летото како помлад асистент во меѓународен летен камп за деца. Таму го сретнува Оливер, уште еден асистент од Норвешка. И тогаш Тихо ќе почувствува како животот да му запрел и како одново да почнува, овој пат онаков каков што тој би сакал да биде. „Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика.






Напишете коментар