(Кон книгата „Да се биде јас“ од Ана Хоглунд и превод од шведски на Родна Русковска; Скопје: Чудна шума, 2025)

Пишува: Ана Јовковска

„Забележувам дека многу машки ме гледаат. Забавно е да се има моќ. Но, за жал, гледаат и чичковците. А и дофрлаат. Се чувствувам како да се гледам низ туѓи очи. Потоа ме обзема лутина. Или поточно кажано, тага. Своето тело не го чувствувам како свое. Не сакам чичковците да ми го гледаат така телото. Зошто да не можам да носам што сакам? Зошто треба некој да чувствува страв толку често? Да не минува низ паркот навечер… Како женските да се некакво животно што може слободно да се лови! Како да не се доволно егзибиционистите и педофилите што ги има наоколу. Треба ли да остариш, па дури тогаш да те третираат како вистински човек“? Ова се зборовите на Роса, главната хероина во графичкиот роман „Да се биде јас“ (Чудна шума, 2025) од шведската авторка и илустраторка Ана Хоглунд, прведен на македонски јазик од Родна Русковска, којшто на толку едноставен и директен начин го опишува интернализираното чувство на вина и осаменост кај девојчињата и жените. Фантастично, цел феминизам спакуван во еден стрип!

На почеток, ставајќи го феминизмот во историски контекст, сосема кусо ќе ги прегледаме неговите развојни фази. Имено, раната фаза на феминизмот се препознава многу порано пред тој официјално да се легитимира. Бројни се примерите на жени кои се бореле за својата независност уште во седумнаесеттиот и осумнаесеттиот век, па тука би ги спомнале имињата на писателките и филозофите како Афра Бен, Мери Вулстонкрафт и Џејн Остин во чии дела се отвораат прашањата за местото на жените во општеството. Првиот бран на феминизмот започнува во годините кога жените од Соединетите Американски Држави ја почнале борбата за право на глас, а годината кога го добиле правото на глас, 1920 година, се зема како период кога завршува првиот бран на феминизмот. Вториот бран на феминизмот е најпознатиот бран и тој започнува кога жените масовно почнуваат да се организираат и да се креваат за целосна еднаквост. Во 1963 година се објавуваат многу важни текстови за женските права и во овој период, првпат, се употребува терминот феминистка и се зборува за идејата на сестринство. Конечно, жените успеваат да се изборат за правото на еднаква плата за иста работа, правото на абортус, достапноста на контрацепцијата и забрана за дискриминација на работното место. Вториот бран на феминизмот, пак, покрај приказната за правата, го воведува и прашањето за женската култура и женското писмо во книжевноста, а се основаат и женски студии на факултетите. Третиот бран на феминизмот ги обележува деведесеттите години на дваесеттиот век и во него особено е изразена борбата за вклучување на сите раси (црните и белите жени), класи (сиромашните и економски стабилните), сексуални ориентации (хетеросексуалните жени, но и лезбијките, бисексуалките и транс-жените). Четвриот бран на феминизмот, постојано и одново ги преиспитува односите на моќта и контролата, обидувајќи се да фрли нова постфеминистичка светлина во родовата критичка теорија и да креира родово одговорни закони.

Графичкиот роман за млади „Да се биде јас“ од Ана Хоглунд низ приказна за растењето во неколку поглавја и преку провокативна стриповска уметност успева да ги компресира сите теориски знаења за патријархатот, да ги сублимира сите родови неправди и да биде импулс за рамноправен свет. Со раскажувањето во прво лице во сегашноста, младата хероина Роса, всушност, поместува временски и просторни линии и нè потсетува на дискриминацијата која влече корени од далечното минато. „Пред 5000 години се почитувале божици-создавателки, но потоа сè се сменило. Почнале да се водат војни за земјата и за моќ. Боговите ги истиснале божиците. Истото се случило во општеството, жените изгубиле моќ, не можеле веќе да наследуваат“. Низ адолесцентска призма, главната протагонистка размислува дека единствената работа што жените можеле да ја комбинираат со раѓањето деца била поврзана со домот. Додека мажите оделе да го истражуваат светот, жените останувале да го чуваат огништето. Тука се повлекува и паралелата меѓу женската исконска сила и природата. Раѓањето како пресек меѓу земјата и мајката.

Длабејќи низ родовата матрица, Роса се повикува и на некои од познатите феминистички изблици како: „Жена не се раѓа, жена се станува“! Во второто поглавје нејзиниот глас вреска за ослободување од етикетите на полот, кога вели дека сака да биде своја, „ни женска ни дечко, само јас, без тоа лепливо чувство“. Имено, родовата слобода и родовата правда се интегрално поврзани со културните претпоставки во врска со половите, од што произлегува положбата на девојчињата и жените во општеството. Потенцираните карактеристики на „женската природа“ ја ставаат жената во улога на Другост наспроти мажот и неговата норма во однос на што жената се смета за различна. Тоа се, всушност, процепите низ кои перфидно се протнува нееднаквоста што води до исклучување на девојчињата и жените од многу области на општествениот живот. Како што пишува и Јасна Котеска дека „патријархатот како општествено уредување не се објаснува со симплистички термини како свесна содржина, лоша волја или конспирација на група или индивидуалец туку како самоопстојувачка структура на  моќ. Преку анализа на историјата на филозофијата, науката и уметностите, Фуко докажува дека постои идеолошка машинерија којашто работи на потврдување на континуитетот на фалоцентричните форми на моќ“ (Котеска). Токму ова е фантастично обработено со јазикот на стрипот „Да се биде јас, каде едно девојче почнува да ги осознава поделените родови улоги во општеството на кои децата се изложени од најрана возраст. Се смета дека во категоријата мажествено влегува: силен, разумен, борбен, активен и логичен, додека категоријата женствена се објаснува како: слаба, чувствителна, грижлива, пасивна и интуитивна.

Во книгата на Хоглунд на тапет е ставен и прогонот на вештерките за кој Роса истражува и дознава дека се случувал во Европа во седумнаесеттиот век. Универзалната машка мизогинија со векови произведува културен и смболички геноцид над жените или како што ќе потсети писателката Дубравка Угрешиќ: „Една од најголемите ерупции на машката мизогинија бил европскиот инквизициски прогон на вештерки во шеснаесеттиот и во седумнаесеттиот век. Ловот на вештерки, практично, траел цели четири столетија. Во периодот од 1550 година до 1650 година во Европа, се претпоставува, се запалени стотина илјади вештерки, иако вистинските бројки не се познати. Првото судење на вештерки се одиграло во Тулуз во 1335 година. Голем број жени настрадале и надвор од инквизицискиот систем. Нивни инквизитори биле нивните соседи, соселани, помалку водени од христијанската послушност, а повеќе од своите локални верувања и празноверија“ (Угрешиќ). Ќе се согласиме дека еден куп текстови и книги се напишани на овие теми, но графичкиот роман „Да се биде јас“, без свилени ракавици, на директен и провокативен начин ја обработува темата за родовата нееднаквост низ револтот на тринаесетгодишната Роса која се бори со чувството на несфатеност и осаменост. Оваа адолесцентска приказна нè потсетува дека сè уште се препелкаме низ сексистичкиот дискурс, кој фаворизирајќи го телото и емоциите, всушност, смета дека разумот ѝ штети на жената, сведувајќи ја на машина за размножување односно репродукција, редуцирајќи ја нејзината биолошка и психолошка градба исклучиво на улогите на љубовница, сопруга и мајка, што создава основа за релации на доминација и субординација. „И тогаш стапил на сила патријархатот. Во стариот завет, Бог ја создал Ева од реброто на Адам. Срам да ви е, особено тебе Ева!!! Да ве нема од мојот рај! И сите жени за казна ќе раѓаат деца со големи болки“ (Хоглунд). Покрај расклинкувањето на биолошкиот детерминизам, книгата ја отвора и темата за нечистото и абјектното. Исто така, Роса со чудење раскажува како „за поголемиот дел од гадното биле виновни жените, а женското тело било и малку опасно. Се мислело дека мензисот е многу гаден. Ти си нечиста, затоа не смееш да дојдеш со нас во црква“. Овие зборови отвораат уште подлабоки резови на спрегата помеѓу феминизмот и религијата. Всушност, книжевното и уметничко дело на Хоглунд поставува многу важни политички прашања поврзани со моќта. Низ визурата на едно девојче се прави остра критика на патријархалното општество кое за некои претставува затвор.

Авторефлексивноста на Роса е клучна за делото истовремено да биде интимно и комплексно. Илустрациите се одлични и на многу оригинален начин ја доловуваат и темата за андрогиноста. За визуелниот печат на авторкатапишува и Лени Фрчкоска: „Во академски труд посветен на илустрациите во делата на Хоглунд, но ставени во компарација со слики на Фрида Кало, Лена Конквист, Рене Магрит итн., авторките Анбрит Пало и Ана Норденстам анализираат една претстава на Роса во компарација со дела на Фрида Кало и шведската сликарка, графичарка, илустраторка и скулпторка, Лена Кронквист. Постојат бројни визуелни референци меѓу сликата на Хоглунд и портретите на мексиканската и шведската уметничка. Сите три слики прикажуваат андроген лик, и машки и женски. Во сликата на Хоглунд, родот е претставен преку двете верзии на протагонистката: андрогената, или квир, Роса која седи на креветот, и Роса во црвен фустан која лежи под креветот, можеби симболизирајќи ја нејзината потсвесна личност, или идната таа. Двете Роси претставуваат некаква сексуалност; андрогената Роса на креветот, облечена во традиционално машка облека, и андрогената Роса под креветот, во црвен фустан“ (Фрчкоска).

Конечно, после сите анализи и компарации, не пропуштајте да го прочитате овој одличен графички роман на Ана Хоглунд, шведската авторка и илустраторка која била наградена со повеќе меѓународни награди. Жири-комисијата за наградата „Астрид Линдгрен“ за неа вели дека „пишува и илустрира на начин кој е и поетичен и прецизен, и тендициозен и прекрасен, и современ и безвремен – таа зборува за врските, емоциите, идентитетот и растењето и тоа ги допира и остава печат и на младите и на повозрасните читатели“. 

Да се биде јас е проклето тешко! Топло го препорачувам ова издание на „Чудна шума“!


Илустрации: Ана Хоглунд


Општеството има големи очекувања од девојчињата. Притисокот е неиздржлив. Зошто е толку тешко да се биде јас? Што точно значи да се биде девојка, да се биде жена? Можам ли да бидам тоа што сум или сум само производ на сето она што се очекува од мене? Морам ли да ги почитувам наметнатите правила и да бидам „девојка за пример“?

Нежна и полна со љубопитство, оваа илустрирана книга за млади во која тринаесетгодишната Роса го преиспитува своето место во светот, на паметен начин ги обработува темите за промените во тинејџерството, промените во емоциите, промените на телото, а одговара и на прашањата за сексуалноста и за наметнатите очекувања од околината.


Напишете коментар