(Кон книгата „Големата црна птица“ од Штефани Хефлер и превод од германски на Ксенија Чочкова)
Пишува: Ана Голејшка Џикова
Секако дека најтажните книги ќе те (с)најдат и во најтажните лични времиња, кога си во чувство на нејасност за животот, оваа книга ќе ти ја постави јасноста на смртта.
И тоа не било каква смрт. И не било чија. Смртта на една мајка на две момчиња. Едното, Бен, тинејџер, и другото Карл (уште нарекуван и Трошка), седумгодишник.

Не можев а да не ја повлечам паралелата со филмот „ДиЏеј Ахмет“ и она што следуваше во книгата. Напишана на лесен, разбирлив и на моменти чудесно меланхоличен стил, оваа приказна ти го корне срцето како корен од див костен и те остава во благ неспокој.
Приказната тече во две времиња – пред и потоа. Авторката на книгата, Германката Штефани Хефлер, инаку по професија лингвистка и учителка, добро го сецира човечкиот дух и детската невиност пред најголемиот тест на избрзаното созревање низ тага – предвреме простување од родителот. Преводот на книгата е на Ксенија Чочкова, прецизен, темелно пренесен во тегобата и истовремената игривост, на суптилен начин го обликува ова книжевно дело во малечок манифест на шокантноста кога го губиме блискиот свој.
Кога ја губиме Мајката.
Раскажувачот е Бен, постариот син на Ма, (мајката) почината во неразјаснети околности, кој некако дури и успева да се справи со шокот и да делува навидум нормално. Под рака е неговото малечко братче, Карл, кој едноставно не знае како, па продолжува со своите детски палавштини и бегства од дома, како да е тоа сосема нормално. Сите овие „навидум“ состојби, се целосна спротивност од она што го снаоѓа Та (таткото). Целосна снеможен да се справи со загубата на партнерката, тој во одреден сегмент, се заборава и себеси, а со тоа и сопствените деца. Приказна за смртта во сета нејзина величественост на затекнувањето. Никој не е подготвен да замине тукутака, особено не една мајка како нивната, која освен што е дендрофилка, таа ги учи своите деца да ја сакаат шумата и да ја бараат слободата во неа, нејзината таинственост и лековитост. Просторот на шумата, дрвјата, мовта, допирот со природата е оној, вистинскиот свет за преболувањето да личи полесно одошто е. Токму и таму ќе бегаат и ќе се наоѓаат двете братчиња, „полусирачиња“ за кои ништо на овој свет не е поважно од заедништвото.
Книга за споделената болка и за прашањата што сите глупаво ги поставуваат откако некој ќе (ти) умре. Книга за едноставноста на тагата и дозволата од самиот себеси да се скршиш и да те боли. Книга за големата црна птица, метафората за смртта, која комуницира на основно ниво, на линија на првиот симбол кога човек ќе помисли на крајот – одлетуваме, заминуваме којзнае каде. Книга во издание на „Чудна шума“.
Дали бев спремна на оваа книга? Не. Дали ми беше тажно? Премногу. Дали ја препорачувам за тинејџери и млади? Апсолутно. Затоа што за кревките нешта, се зборува и преку вакви текстови, кои нужно мораат да ја претстават смртта како „нешто“, некаков облик и боја. Шарен ковчег, црна птица, некаква празнина или изгорени рибини стапчиња. Или едноставно, смртта и тагата потоа се она што нѐ поврзува повторно со животот, нашиот и на другите луѓе.
Илустрации: Ана Хоглунд






Напишете коментар