Разговарала: Елена Копртла
Ива Безиновиќ – Хејдон е хрватска авторка на сликовници за деца и млади, авторка на кратки раскази, а работела и како професорка, преведувачка, лекторка и уредничка. Во нејзината биографија е и Школата за хрватски јазик за странци која ја основала и водела во Минхен.
Две нејзини сликовници – „Мојата бабичка не знае која сум“ и „Каде се крие Ведран“, со илустрации на Хана Тинтор се преведени на македонски во издание на „Чудна шума“. Преводот од хрватски јазик е на Калиопа Петрушевска.

Да го почнеме разговорот со двете сликовници преведени на македонски – „Мојата бабичка не знае која сум“ и „Каде се крие Ведран“. Обете се бават со чувствителни теми за децата, како болеста, староста и смртта. Како настанаа овие две книги?
Двете книги се бават со теми кои не се класични теми во книжевноста за деца, „Мојата бабичка не знае која сум“ зборува за деменцијата и конечно смртта и загубата, додека „Каде се крие Ведран“ за животот по смртта на најблиските, за тоа како да се соочиш и помириш со смртта. Со оглед на тоа што јас не сум религиозна можеби гледам на поинаков начин; некои луѓе и ми замерија што не споменувам дека луѓето не одат на небото, но мојата идеја беше да им се каже на децата дека едноставно тоа е дел од животот, тоа ќе се случи, нема никаква мистификација. Мојата баба имаше деменција и обидувајќи се на своите деца да им објаснам што се случува со неа, сфатив дека постојат многу семејства кои не знаат како да разговараат со своите деца на овие теми, имаат отпор и најчесто избегнуваат да разговараат или им е непријатно. Колку и да е сликовницата наменета за деца, кратка, илустрирана и напишана со едноставен јазик, сепак мислам дека е многу покорисна за родителите. Ако ние не разговараме со децата на овие теми, тие сами ќе најдат свои објаснувања кои можеби би биле и полоши. Инаку двете приказни беа напишани многу пред да бидат објавени, искрено не сметав дека тоа е материјал за сликовница. Барав книги кои се објавени на слични теми, но она што го пронајдов не беше по мој вкус. Интересно е дека за „Мојата бабичка…“ немам сеќавање како ја пишував, додека „Ведран“ ја напишав за еден час. Бев со децата на игралиште, а најмалиот ми имаше 9 месеци и ми пријде една сосетка која ја познавав тука од игралиштето со која не сум била блиска. Ме праша колку е стар и на мојот одговор возврати дека и нејзиното бебе било на иста возраст кога починало. Тоа беше шокантно бидејќи навистина не знаев како да реагирам и најтажното од сè е што таа почна да ми се извинува. Тогаш сфатив дека најтажното од смртта на детето е тоа што не смееш да зборуваш за тоа, за на другите да не им биде непријатно; како тоа дете никогаш да не постоело. Кога ќе ја прашаат колку деца има таа одговара за девојчето, а не се споменува тоа дете кое веќе го нема. Длабоко ме потресе таа приказна и сакав нешто да направам, едноставно излезе приказната за Ведран.

Како почна соработката со Хана, досега заедно издадовте 3 книги.
Со Хана се запознавме на Инстаграм, ми се допадна тоа што го работи и веднаш кликнавме, ги дадовме на издавачот „Ибис графика“ и така сè почна. Имам комплетна доверба во Хана, за „Ведран“ дури и не сакаше да ми ги покаже илустрациите пред да бидат готови.
И двете книги беа номинирани за најзначајните книжевни награди за литературата за деца во Хрватска – „Григор Витез“ и „Овца во кутија“ и „Каде се крие Ведран“ ја доби „Григор Витез“ за најдобра илустрација за 2022 година. Колку ти значат признанијата?
Секако ми значи, но искрено за мене е многу важен фидбекот од читателите бидејќи лично мислам дека никој не би ги читал моите книги. Многу луѓе ми пишаа или ми пријдоа на промоциите. На промоцијата на „Мојата бабичка…“ во Шпанија ми пријде една жена чиј сопруг починал од тумор на мозокот и неговата борба со болеста била слична на деменцијата и затоа им ја читала на своите деца. Најдов и рецензии на корејски, земја каде бабата има функција на втора мајка, и навистина е интересно како на овие теми се разговара во различни култури.
Најновата сликовница заедно со Хана „Јас против себе“ е дел од каталогот на White Ravens за оваа година.
„Јас против себе“ е исто номинирана за „Григор Витез“, а на Саемот во Болоња го доби и признанието BRAW Amazing Bookshelf – Sustainability, така што интернационално е досега најуспешна од моите сликовници со Хана. Интересно е што идејата ја имав пред патувањето во Скопје мината година на фестивалот „Јес“ каде бевме заедно со Хана и сакавме таа недела да ја искористиме да поразговараме како сето тоа би изгледало. Но, со таа приказна која ја имав тогаш за женскиот бес, што е многу важна тема, не бев задоволна. И Хана забележа дека нема ништо што би ја поттикнало да нацрта нешто. Сфатив дека технички е во ред, но фалеа емоции. Тоа беше еден многу стресен период, немав никакви идеи, па почнав да пребарував по моите стари белешки. Така си пронајдов еден краток расказ кој во подоцнежната фаза беше прилагоден и стана содржината на сликовницата. Расказот е напишан во една фаза во која бев потполно избезумена од самата себе, расказ за оние денови кога сам на себе си одиш на нерви. Тоа е приказна за едно девојче кое бара начин да побегне од себе и конечно, приказна за прифаќањето. Оваа книга не е за деца, туку за тинејџери над 14 години.


РАМКА: „Јас против себе“ е меѓу 150 детски книги што се фокусираат на 17 цели за одржлив развој на Обединетите нации и е во поткатегорија 3, која вклучува наслови што зборуваат за добро здравје и индивидуална благосостојба.
Авторка си на уште една сликовница издадена од „Мала звона“ – „Тамноград“, со илустрации на Лаура Мартиновиќ за „едно тажно место од каде се протерани сите билки“. Можеш да споделиш нешто повеќе за оваа сликовница?
„Тамноград“ е единствената книга со која можев да водам некои работилници бидејќи има еколошка тема, што е посигурна опција, иако не е напишана баш разиграно и на потполно детски начин, но е важна. Се наведува дека е со еколошка тема, но јас би рекла дека е книга за сопствената одговорност во општеството. Тоа е приказна за градски службеник чија работа е по цел ден да удира печати дека барањето се одбива. Еден ден ќе сфати дека во градот нема бои и дека тој е виновникот за таа ситуација. „Тамноград“ е и единствената сликовница во која морав да ги промислувам имињата на ликовите бидејќи имаат значења: Господин Сивиќ, Шварц, Бијелиќ, итн. Обично ми е навистина тешко кога треба да одберам име за моите ликови, па најчесто тоа се генерички имиња, како Ана и Ива.

РАМКА 2: Нејзините кратки раскази може да се најдат во „Вечерњи лист“, неколку антологии и на интернет порталите Астронаут, Либартес, Стране, Немо, Ајфелов мост.
Што повеќе сакаш да пишуваш, кратки раскази или книги за деца?
Темите и во кратките раскази и во сликовниците се исти, само кога пишувам сликовници се водам прво од форматот и едноставноста на јазикот, додека повеќе сакам кратки раскази бидејќи одговорноста ми е помала. Можам да пишувам како размислувам, додека кај сликовниците постојат ограничувања во тоа како да им го пренесеш тоа на децата. Сега излегува мојата збирка за „Мозаик књига“ – „Некој таков ден“.
Што сакаат твоите деца да читаат бидејќи не секогаш им се допаѓаа она што ќе им избереме. Ги читаат ли твоите книги?
Моите деца не ги сакаат моите книги бидејќи им се тажни, ха, ха, ха и чекаат некогаш да напишам нешто весело. Има бројни сликовници на весели теми, но јас пишувам на теми кои мене лично ми беа важни. Да, одиме во библиотека и ќе одберат „Супермен“ или „Патролни шепи“ и тука се трудиме да најдеме некаков баланс. По мене е важно да се чита, можеме да размислуваме за некакво критичко читање и разговор за она што им се допаднало, што им е добро или не во таа книга. Некогаш успевам да поттурнам и нешто што мене ми се чини дека е интересно. Мојата најстара ќерка има 13 години и ми се јави еден ден воодушевена од лектирата „Зелениот пес“ за која искрено никогаш не бев чула и ја прочита за два дена. Се работи за книга која се бави со зависноста од дрога кај младите и ете тоа само укажува дека децата сакаат да читаат и да чујат за некоја мрачна страна на човештвото. Јас во последно време ја читам Елизабет Страут, американска писателка со неколку романи која ми е навистина блиска и читањето ми помага во моето пишување.


Баба ми Зринка секојпат за сѐ велеше: „Може!“ Кампувавме и планинаревме, трчавме и возевме велосипед, пливавме во најдлабокото море. Градевме тајни скривалишта и правевме куќарки за бубачки од кутии за чевли.
Таа плетеше волнени џемпери според замисли од мојата глава, правевме играчки од чашки за јогурт, подготвувавме куклени претстави во нејзината градина. Патувавме со воз, со авион, со брод. Цртавме стрипови, читавме весници, пишувавме прикаски.
Ништо не беше невозможно. Мојата бабичка знаеше и можеше сѐ.
Сѐ до денот кога веќе не…
Разговорот за болеста и смртта секогаш е тежок и мачен. Кусата приказна „Мојата бабичка не знае која сум“, низ описот на нежниот однос меѓу девојчето Ема и баба ѝ Зринка, која наеднаш почнува да ги заборава случките и луѓето, им ја приближува на децата темата за стареењето и за смртноста, како и идејата за сеќавањето и за вечната љубов.

Во топлата приказна „Каде се крие Ведран“ авторката Ива Безиновиќ-Хејдон ја отвора темата за која е напати тешко да се разговара, а тоа е загубата на некоја блиска личност и продолжувањето на животот по соочувањето со таквиот настан. Приказната им е наменета на децата и е напишана на јазик разбирлив за нив, а носи топла поука за начинот на кој можеме за навек да ги задржиме саканите личности во нашите срца.
Каде се крие Ведран?
И кога се чини дека никаде го нема, тој е насекаде и во сѐ околу нас. Не мора да го видиме, може да го сетиме. Можеби е во дождот, можеби е во музиката, можеби плови по морето со наши блиски луѓе кои веќе не се тука, но нив за навек ги носиме во себе.






Напишете коментар