Разговарала: Ана Јовковска


ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА СОДРЖИ НАЈМНОГУ ЕМПАТИЈА

АЈ: Ја преведовте книгата Беззборовната Ела (Чудна шума, 2024) од Викторија Патрашку и Кристијана Раду, приказна за лековитата и разорната моќ на зборовите, како и за леснотијата со која им ставаме етикети на луѓето околу нас. Имено, Ела е мало девојче кое не зборува, но ги штити и ги чува зборовите како богатство, длабоко скриени во своето срце. Ела не зборува, но таа има прекрасни пријатели во нејзиниот магичен свет, како мачката без едно уво, чија опашка е едно рипче, едно глувче и еден тивок сив слон… Магично.

Што најсилно ве плени кај Беззборовната Ела?

И, во ова брзо, дигитално  време… успеваат ли книгите да нè пренесат во други светови? 

ЛД: Во преведувачка смисла Беззборовната Ела за мене беше вистински предизвик уште со самиот наслов: имено, буквалниот превод ќе беше Онаа Ела без зборови, наслов кој на романски совршено функционира, но на македонски е прилично необичен. Поетесата во мене го пронајде во поетскиот заум зборот „беззборовна“, иако кога излезе книгичката бев загрижена дали децата ќе го сфатат и прифатат овој збор. Со оглед на одѕивите сега мислам дека „беззборовната Ела“ звучи нормално и убаво. Самата приказна ме плени со тоа што е прекрасна, топла, инклузивна, ангажирана, но ненаметливо, природно, како што треба да биде ангажираната литература, во неа да се ужива, но и од неа да се учи, воспитува, осознава, а Беззборовната Ела токму тоа им го нуди и на децата и на возрасните. Тоа е книга што на суптилен начин успева да ја придвижи душата и во неа да создаде простор и за туѓата, но и за сопствената болка, радост, запрашаност. Во светот во кој зборовите се користат компулзивно, конзумеристички и најчесто непотребно, зборовите што Ела ги чува во себе ја носат силата и милината на автентичниот човечки глас, оној кој го губиме тогаш кога празнословиме. 

Нашиот свет сè повеќе ја губи емпатијата, поради изразениот индивидуализам и отуѓеноста која ги зафаќа сите пори на општеството.

АЈ: Кога ќе одберете книга којашто е дел од каталогот „The White Ravens“ на 200 најдобри книги за деца и млади (конкретно за 2016 година), нема дилема дека се работи за одлично книжевно дело. Сметате дека преведувањето на литература за деца е чиста радост, творечка возбуда, вруток на нови сознанија и љубов на прв поглед. Ве цитирам „Се преродувам кога преведувам сликовници и книги за деца. Преведувајќи ја книгичката Беззборовната Ела од романската писателка Викторија Патрашку, чувствував како во мене се населува светот на Ела во кој зборовите се здобиваат со примордијалната смисла што ја забораваме во секојдневниот живот. Сигурна сум дека децата и возрасните кои ќе ја прочитаат приказната за Ела која знае каква е моќта на зборот, ќе научат нешто повеќе за емпатијата на она што се изговара, но и на она што не се изговара“. Каква емпатија им фали на нашите општества?

 ЛД: Да, навистина, морам да кажам дека покрај поезија, најмногу од сè сакам да преведувам литература за деца, тоа бескрајно ме исполнува, ме прави полетна, љубопитна, разиграна, ми дава верба во светот во кој постојано вербата оправдано ја губиме, ме соочува со детето во себе, ми ја храни душата, ме инспирира, па не е случајно што после повеќе преведени книги за деца, и сама се испробав со романот за мали и големи Тринаесеттиот кој пред кусо време излезе во „Три“. Мислам дека литературата за деца содржи и најмногу емпатија од сите останати жанрови, и така треба и да биде, тоа  е основа за човечкото битие, за здраво дете што ќе израсне во здрава возрасна личност на која нема да и биде сеедно ни за луѓето ни за животните ни за билките, за ништо на светот. Нашиот свет сѐ повеќе ја губи емпатијата, поради изразениот индивидуализам и отуѓеноста која ги зафаќа сите пори на општеството, емпатијата како природно да ја снемува, што е алармантна состојба и секој од нас мора да се потруди и да се сети дека човекот е солидарно битие, емпатично битие, битие кому не му е сеедно. Беззборовната Ела токму тоа им го нуди не само на малите, туку и на големите читател(к)и – да ја возобноват, одново да ја стекнат емпатијата и отвореноста кон другите, кон Другоста, кон секого.

Во светот во кој зборовите се користат компулзивно, конзумеристички и најчесто непотребно, зборовите што Ела ги чува во себе ја носат силата и милината на автентичниот човечки глас, оној кој го губиме тогаш кога празнословиме. 

АЈ: Преведувате од романски и од словенечки јазик на македонски. Имате објавено седум поетски збирки, пет романи, еден дневник и една збирка раскази, преведени на бројни јазици. Двапати ја добивте наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот Резервен живот, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за Гранична состојба, наградата Роман на годината и Регионалното признание „Штефица Цвек“ за романот Единствен матичен број и други. Со ваква импозантна биографија јасна е вашата професионалната сатисфакција, но што друго ве прави среќна и исполнета? 

ЛД: Луѓето, книгите, природата, уметноста… Многу нешта ме прават среќна, исполнета и спокојна, но и многу нешта, пред сè во светот околу нас, ме прават несреќна, неисполнета и неспокојна како човечко битие, како граѓанка на светот. Но сè дури човек е свесен што го прави среќен или несреќен, може и свесно, со своите дела и ставови, да влијае врз светот околу себе и да го направи барем малку подобар за сите. 


КАЛИОПА ПЕТРУШЕВСКА

НАЈГОЛЕМИТЕ БИТКИ НАЈЧЕСТО СЕ НАЈНЕВИДЛИВИТЕ

АЈ: Книжевноста е секогаш на првиот браник за сензибилизирањето со тешките теми. Ја преведовте книгата Мојата бабичка не знае која сум (Чудна шума, 2023) од хрватската авторка Ива Безиновиќ-Хејдон и илустраторката Хана Тинтор, којашто ја освестува комплексната тема за стареењето и губењето на меморијата како чувар на најчовечкото. Кои се начините да се прифати немоќта, промените на телото и умот, староста, деменцијата, тагатa…?

КП: Уф, ова е прилично комплексно и делумно лично прашање. Со оглед на тоа дека и самата сум веќе во (еуфемистички) наречената „трета возраст“ како и на фактот дека бев сведок на стареењето и изнемоштувањето на моите родители, би рекла дека досега во доволна мера се наоружав за да го дочекам спокојно (или макар филозофски) тоа искуство и на сопствената кожа!
Не е баш весело, но напати е макар забавно. Особено кога, на пример, ќерка ви ќе ви префрли дека ѝ го поставувате по втор или по трет пат истото прашање… Сепак, сѐ уште сметам оти духот ме држи и ме прави да се чувствувам (барем однатре!) помлада од мојата реална – нумеричка или биолошка – возраст.

Спокојна сум кога знам дека сите мои блиски се задоволни од својот живот, кога кучињата, а од лани и мачињата се нахранети и прибрани на безбедно, кога политичарите не се обидуваат да ме исплашат со недоветни изјави, кога природата го следи својот ритам…

АЈ: Педесет години активно се занимавате со превод на прозни и драмски текстови. Некои од нив се играни на театарските штици во Македонија, некои се објавени од издавачките куќи – најчесто од француски јазик. Ве познаваме и како универзитетска професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, но малкумина ве знаат во едно друго светло како на пример „помајка на три кучиња од женски род“. Покрај тоа што уживате во секој преведувачи предизвик, особено кога станува збор за дијалози и игри на зборови, кои други работи ве прават среќна и спокојна?

КП: Тешко прашање! Спокојна сум кога знам дека сите мои блиски се задоволни од својот живот и во добро здравје, кога кучињата, а од лани и мачињата се нахранети и прибрани на безбедно, кога политичарите не се обидуваат да ме исплашат со недоветни или со неодмерени изјави, кога природата го следи својот ритам, без брутални промени во временските и во климатските случувања… накусо: кога сѐ е нормално! Можеби е така зашто, со текот на времето, забележувам сѐ повеќе и сѐ почести напливи на ненормалност: и во климатските, и во меѓучовечките случувања.

Верноста кон текстот е моја обврска.

АЈ: Ве цитирам: „Ако го дефинираме преведувачкиот чин според познатата мисла на Умберто Еко дека тој претставува кажување на речиси исти нешта, преведувањето литература за деца би било двоен предизвик во посочената насока: најнапред, од еден морфо-синтаксички систем преведувачот треба да се префрли во друг, а потоа од конкретен лексичко-стилски модел неизбежно ќе бара најсоодветно прибежиште во друг. Еве едноставен пример: во македонскиот јазик, официјалниот термин за индивидуално возило на две тркала без мотор, е ‘велосипед’, иако во колоквијалниот стил сите го викаат ‘точак’. Ако имате сликовница за деца на возраст од четири-пет години, каде што се спомнува – во слика и збор – споменатото возило, и тоа во деминутив, зар има нешто пологично од формата „точаче“, наспроти мачното (а и неприродно) за изговор ‘велосипетче’!? Според мене, овој пример е најкусата парадигма за улогата на преведувачот на детска литература: да ги најде најточните изрази и звуци, блиски и познати за читателот-дете, додека истовремено го пресоздава микрокосмосот од туѓиот јазик-извор во свет препознатлив низ сопствениот јазик-цел.“

Какви се вашите искуства во битките со тврдокорните лектори?

КП: Хахаха! Најголемите битки најчесто се најневидливите! Имено, кога преведувате театарски текст, текст што не е наменет за читање, ами за кажување на сцена, а во исто време свесно се трудите да бидете колку што е можно поверни на оригиналот (најчесто напишан на француски јазик!), може да се случи изборот на македонските зборови или на синонимите да не е лесен за изговарање. Имав такво искуство пред повеќе години, кога актер(к)ите, но и драматургот на една претстава, што беше преведена од француски,  инсистираа да направам промена на одредени зборови, заменувајќи ги со полесни за изговарање. Јас, пак, како своевиден автор (или, ако сакате, коавтор на драмскиот текст!), инсистирав на негова што поголема верност кон оригиналот, убедена – во мојата совест на преведувач – дека токму верноста кон текстот е моја обврска. Сепак, се најде некаков компромис, но, искрено, и за жал, претставата излезе лоша, така што доживеа едвај неколку репризи. Искрено, тоа не беше никаква утеха за мојата (повредена) преведувачка суета… Сепак, со лектор(к)ите – оние што имаат доволно обемно искуство и доволно лична ем професионална доблест (попрецизно кажано покажуваат скромност, а не суета!) – денес се разбирам(е) многу подобро отколку со некои поранешни, често и полупрофесионални јазични цензор(к)и! И тоа, на обострано задоволство…


ЗЛАТКО ПАНЗОВ

ПРЕСУДНО МИ Е ОНА ШТО ИНТУИЦИЈАТА МИ ГО КАЖУВА

АЈ: Од унгарски јазик ја преведовте книгата Деветтиот живот на принцот на мачките (Чудна шума, 2024)од Дора Гимеши и Каталин Сегеди. Овие бајковитите пејсажи за љубовта се едни од најубавите приказни што сум го прочитала во последно време. Книгата ја доби наградата HUBBY – книга за деца на годината. Илустраторката на книгата, Каталин Сегеди, е повеќекратна добитничка на наградата „Најубава унгарска книга“ и добитничка на наградата „Илустратор на годината“ во 2005 година. Бројни се наградите и на авторката на книгата Дора Гимеши, која е драмска писателка, сценаристка и режисерка, и работи како драматург во куклениот театар во Будимпешта. Колку ви се пресудни ваквите валоризации на делата пред да ги прифатите за превод? И, ако не се клучни, тогаш што ви е пресудно при изборот за превод?

ЗП: Валоризациите на делата се важни но не пресудни во изборот на некое дело за да биде преведено. Деветтиот живот на принцот на мачките беше предлог на издавачката куќа „Чудна шума“. Првиот чекор при изборот на некое дело е да ја проверам рецепцијата на истото кај читателите и секако литературната критиката, а потоа ја набавувам книгата и во консултација со Анамарија, решаваме дали ќе се нафатиме да ја преведуваме или не. Истата постапка беше применета и на Деветтиот живот на принцот на мачките. Веднаш решивме дека мора да се преведе на македонски јазик, а и свесни бевме дека ќе има и големи предизвици при самиот превод. Би сумирал, валоризациите се важни, но пресудно кај мене е она што ми го кажува интуицијата, веднаш знам дали ќе им се допадне или нема да им се допадне на македонските читатели.

Целиот интерес за Унгарија и нејзината култура започна во име на љубовта.

АЈ: Ако треба со една реченица да ја сублимирам содржината на приказните тогаш би рекла: „Не ми го ставај универзумот на рамо во име на љубовта“. Во име на љубовта останавте да живеете во Унгарија. Или беше сепак во име на љубов кон професијата?

ЗП: Во име на многу имиња, хаха. Кај мене љубовта, преводот и професијата се испреплетени. Целиот интерес за Унгарија и нејзината култура започна во име на љубовта, преводите почнаа да се раѓаат во нејзино име и на крајот сѐ се заокружи во една целина: љубовта и професијата, заедно.

АЈ: Магистриравте на Културолошки студии на Институтот за македонска литература во Скопје. Докторанд сте на Докторската школа за литература при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на вашите интереси и истражувања е историографската метафикција на македонскиот и унгарскиот современ роман. Работите како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Досега имате објавено над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи, преводи на дела од Бела Хамваш, Адам Бодор, Ноеми Сечи, Атила Бартиш и други. Во 2023 година ја добива наградата за книжевен превод „Драги“ за преводот од унгарски јазик на романот Заробеништво од Ѓерѓ Шпиро. Покрај професионалните успеси, што ве прави среќен?

ЗП: Многу работи ме прават среќен. На прво место ќерката Јана и нејзиниот талент за цртање, интересот за уметност, нејзиниот развој и созревање во она што го прави. Малите семејни гестови и случки, и секако културниот центар Balkan Heritage, чијшто основач сум, настаните што ги организираме, фидбекот што го добиваме, насмеаните и среќни луѓе што ги гледаме на нашите изложби, промоции и концерти. Можноста што ми ја нуди да запознавам нови луѓе, уметници, писатели, музичари, да стекнувам нови знаења за работи за кои веќе сум мислел дека знам многу, а всушност знам премалку.


Напишете коментар